Пораки против францускиот предлог, апел да не се потпишува и барања за оставки се слушаа на вечерашниот протест пред Владата под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“. Официјално немаше организатор, но беше поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот од Франција е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.
Говорниците – јавни личности, новинари, професори и претставници на здруженија ја повикаа Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.
Говорници беа проф. д-р Елка Јачева-Улчар, универзитетската професорка Наташа Трајкова Котлар, презентерката Гордана Ѓорчева, кандидатот за градоначалник на Скопје Перо Георгиевски Камиказа, спортскиот коментатор Тони Стојановски, новинарот Коле Чашуле …
„Вечерва велиме „но пасаран“. Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата… Отпорот ќе биде секогаш, а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина“, беше порачано на протестот.
Според учесниците, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.
– Да живее Македонија и никако капитулација – беа дел од пораките на протестот кој траеше час и половина и заврши без инциденти.
Учесниците најавија дека против прифаќање на францускиот предлог ќе излезат и утре на исто место и во исто време.
Погледнете ја фотогалерија од денешниот протест „Ултиматум – Не благодарам“ против францускиот предлог на кој учествуваа десетици илјади граѓани пред Владата, на кој поддршка му даде раководството на ВМРО-ДПМНЕ заедно со лидерот Христијан Мицкоски, поранешниот македонски претседател Ѓорѓи Иванов со синот Иван и поранешниот амбасадор Мартин Треневски.









