И ГЛАСАЊЕТО И БРОЕЊЕТО ЌЕ ОДИ ПОБРЗО Претседателот на ДИК очекува мирно да помине и вториот изборен круг
Даштевски очекува и побрзо пребројување на ливчињата и пократко време за да се добијат резултатите од гласањето.
Втор изборен круг очекувам да мине мирно и со демократско изјаснување на граѓаните, вели претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.
Тој не очекува пооголеми технички проблеми со апаратите за отпечатоци од прсти зашто во меѓувреме беа спроведени и дополнителни обуки, а извесно е дека пребројувањето на гласовите ќе оди побрзо поради помалиот број гласачки ливчиња и помалиот број на кандидати во споредба со првиот круг од локалните избори.
Ќе има околу 1.500 набљудувачи, што е за околу 300 набљудувачи повеќе во однос на првиот круг.
– Со оглед на проблемите што се појавуваа и интервенциите што се правеа, ние стекнавме солидно искуство и сега ќе биде многу подобро и како ќе поминува времето системот ќе се усовршува. Имаме и Акциски план како да се одвива гласањето таму каде што ќе се создаваат редици. Во првиот круг имаше 4,5 милиони гласачки ливчиња, сега има околи 1,6 милиони, што е многу помалку. Има секаде по двајца кандидата, во Град Скопје во дел од општините има по две ливчиња, а во другите општини има по едно ливче – изјави Даштевски во дневникот на ТВ Сител.
Општинските изборни комисии, рече, се известени од ДИК како да постапуваат ако се создаде редица, член од избирачкиот одбор треба да го спроведува редот и да ги пушта гласачите според тоа колку треба да бидат внатре односно онолку колку што има паравани.