И ГЕРМАНЦИТЕ САКААТ ДА ПОБЕГНАТ ОД СВОЈАТА ЗЕМЈА Секој петти жител на Германија размислува за емиграција
Најновото истражување покажува дека и покрај стабилноста во Германија, бројни жители, особено мигрантите, сериозно размислуваат за заминување во странство.
Секоја петта личност во Германија размислува за напуштање на земјата, покажува најновото истражување на Германскиот центар за интеграција и миграција, пренесува ДПА.
Од анкетираните 2.933 луѓе, 21 отсто признале дека размислувале за емиграција. Кај Германците без мигрантско потекло, процентот изнесува 17 отсто, додека оние кои самите дошле во Германија имаат двојно поголема склоност да размислуваат за заминување – дури 34 отсто.
Најчесто наведуван мотив за евентуално напуштање е надежта за подобар живот, што го посочила речиси половина од испитаниците. Мигрантите, пак, често ги наведуваат и искуствата со дискриминација како причина за размислување да ја напуштат земјата.
И покрај тоа, конкретни планови за заминување се ретки: само два проценти од испитаниците планираат да се преселат во странство во рок од една година. Според Федералната статистичка служба, во 2024 година Германија ја напуштиле 1,2 милиони луѓе.
Истражувањето исто така покажува дека највисока склоност кон емиграција имаат лицата со семејни врски во Турција, Блискиот Исток и Северна Африка (39 отсто), следат имигрантите од поранешниот Советски Сојуз (31 отсто) и други земји од Европската Унија (28 отсто).
Студијата посочува дека во јавните дебати за имиграцијата често се занемарува фактот дека Германија редовно губи жители, што влијае на демографијата и создава недостаток на работна рака.
Истражувањето било спроведено во периодот лето 2024 – лето 2025 година.