И ДУИ АКО ПОБЕДИ, ЌЕ НЕМА ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ Владината коалиција ќе има најмногу градоначалници, порача Мицкоски

Прашан дали во општините во кои ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати ќе повика да се гласа за кандидатите на другите партнери од коалицијата, конкретно за Максим Димитриевски во Куманово, Мирослав Лабудовиќ во Центар, Билал Касами во Тетово и Изет Меџити во Чаир, Мицкоски одговори дека лично тој ќе повика да се гласа за нив, а воедно и теренците на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат на нивните кампањи.

147

 

Не постојат околности во државава за да се случат предвремени парламентарни избори, дури и доколку Демократската унија за интеграции победи во клучните општини, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски.






Тој вели дека ги слуша плановите на ДУИ и оти тие генерално се заокружуваат на две теми. Една дека ќе изгубат во градоначалничката трка во Чаир, Тетово и во други општини и оти во тој случај би излегле на протести со членството обвинувајќи дека изборите им биле украдени и оти ќе прават немири со кои би издејствувале предвремени избори. И втората е дека ДУИ ќе победи на советничките листи, што би била уште една причина да се оди на избори.

– И ние во 2021 година имавме и на советнички листи и на градоначалнички листи двојно, тројно повеќе од СДСМ, па три години бевме опозиција – рече Мицкоски во интервју за „360 степени“.

На прашање дека тогаш зборувале дека власта го изгубила легитимитетот и дека треба да се оди на предвремени избори Мицкоски одговори:

– Ама и тие нека си зборуваат. Никој не вика да не си зборуваат. Никој не ги спречува, демократска држава сме, секој може да си кажува свое мислење. Ние чекавме да дојдат избори. Не велевме ние дека ни ја украдоа победата. Тогаш си играа фудбалчиња, си купуваа трговски центри, си купуваа дуќанчиња, си купуваа акции во банки, па потоа ги препродаваа и така натаму – рече Мицкоски.

На прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ зборува за потребата од реформа и за криминал кај ДУИ, а не и за, на пример, проблематичните легализации на десетици згради во Општина Чаир направени во времето кога градоначалници беа Изет Меџити и Висар Ганиу, Мицкоски одговори дека тоа се случувало во времето кога ДУИ имала мнозинство во советот и кога ДУИ била коалициски партнер. Вели дека не одрекува оти Изет Меџити одреден период бил градоначалник, но дека во земјава постојат институции што треба да го истражат тоа и дека предметот се наоѓа во Обвинителството.

– Не сум рекол дека не ги гледам, да речеме, одредени отстапувања и девијантни однесувања во минатото и ги апстрахирам. Напротив, јас само сакам да потенцирам тоа што е факт. Што се случуваше на централно ниво и како се случуваше. Инаку, си има таму обвинители, судии, нека си истражат, ако утврдат одговорност, веднаш да си постапат. За сите, за секој. Ако има одговорност или основен сомнеж дека сум сторил нешто, веднаш, уште утре да постапат и за мене – рече Мицкоски.

 

Тој рече дека се големи се шансите кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Петар Јанков во Општина Струмица да победи уште во првиот круг.

– Мислам дека Петар е многу блиску, а тоа им го кажав и на активистите на партијата кога бев на состанок во општинскиот комитет, Струмица е многу блиску да ја завршиме уште во првиот круг – порача Мицкоски.

На прашањето како ги коментира шпекулациите дека докторот Никола Маџунков бил фаворит на членството на ВМРО-ДПМНЕ во ОК Струмица, Мицкоски посочи дека и кандидатот за градоначалник Петар Јанков, но и носителот на советничката листа од ВМРО-ДПМНЕ Никола Маџунков се исклучително чесни и посветени луѓе.

– Двајцата се перфектни луѓе и личности. Ги познавам и Петар и докторот Маџунков. Двајцата се би рекол исклучително чесни и посветени и за мој вкус тивки луѓе. Мислам дека ќе треба во периодот кој што следи да го кренат и својот глас и карактер, бидејќи ќе влезат во средина во која се создадени системи и позиции од одредени структури кои изминатите 20 години палеа и жареа во Струмица. И затоа и на нив им го кажав тоа, дека ќе треба малку пркос и дека од сега ќе треба да работат на тимот со кој што потоа ќе работат во општината – потенцираше Мицкоски.

Прашан дали во општините во кои ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати ќе повика да се гласа за кандидатите на другите партнери од коалицијата, конкретно за Максим Димитриевски во Куманово, Мирослав Лабудовиќ во Центар, Билал Касами во Тетово и Изет Меџити во Чаир, Мицкоски одговори дека лично тој ќе повика да се гласа за нив, а воедно и теренците на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат на нивните кампањи.

– Така ќе се постави ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – ќе повика владината коалиција да има најголем број градоначалници на овие локални избори и апсолутно за овие кандидати коишто припаѓаат на владината коалиција, јас лично ќе повикам и теренски ќе работиме како коалиција – рече премиерот.

На прашањето кого ќе поддржат во Струга, каде што има 9 кандидати, а ниту еден официјален на владината коалиција, Мицкоски одговори дека ќе го поддржат независниот кандидат кој е поддржан и од Вреди, Менди Ќура.

– Во Струга цениме дека независниот кандидат Менди Ќура има исклучително добра програма, барем од тоа што можев да го заклучам кога разговарав со него. Се знам со него уште кога беше претседател на Сојузот на стопански комори на северозападна Македонија. Имам изградено и човечки, но и професионален однос и верувам дека е најдобриот избор за Струга и стружани – одговори Мицкоски.

Во врска со тоа што политичката партија Левица, со шест пратеници во парламентот, останува без политичко рекламирање платено со државни пари, Мицкоски рече дека поради политички калкулантства и несериозност на ДУИ не се донесоа измени во Изборниот законик, при кој процес можело да се регулира и тоа прашање.

 

Поврзани содржини