И до 70 отсто смртност на пчелните семејства во некои делови од земјава
Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија вели дека во делови на земјата пчеларите се жалат на загуби кај пчелните семејства и до 70 отсто и не се знае какви ќе бидат приносите на мед годинава.
Последните години климатските промени, проследени со суша, мразеви и многу дождови, како и болестите негативно влијаат врз приносите во пчеларството. Таква е и оваа пролет кога пчеларите се соочија со големи загуби на пчелни семејства во текот на зимата.
Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија вели дека во делови на земјата пчеларите се жалат на загуби кај пчелните семејства и до 70 отсто и не се знае какви ќе бидат приносите на мед годинава.
– Во некои региони беше забележана смртност од 50 до 70 отсто што е загрижувачки, ако се знае фактот дека 10 до 15 отсто е некој прифатлив процент на смртност при зазимувањето. Ваквата смртност може да биде и од некоја болест. Затоа треба да се утврдат причините и да се преземат мерки навреме – вели Трајковски.
Од Сојузот велат дека Ветеринарниот факултет прави анализа и ги утврдува причините за смртност на пчелите, но многу мал број пчелари испраќаат мостри за да видат дали некоја болест ги нападнала пчелите. Анализата не е скапа чини околу 300 денари.
Сепак, пчеларите и покрај големате загуби не се откажуваат очекуваат подобри временски услови.
– Од временските услови во наредните месеци ќе зависи и колкав принос ќе имааат преостанатите пчелни семејства. Годинава според она што се гледа од пролетта и како резултат на приносите постигнати последните години не може да се очекува повеќе од 10 килограми мед по пчелно семејство што е далеку под просекот од 30 килограми за опстојување на пчеларството – вели Трајковски.
Македонските пчелари, додава тој, во најдобрите години добиваа и по 100 килограми мед по пчелно семејство. Во добри години приносот е 50 до 60 килограми, а просекот во последните години е 30 килограми по пчелно семејство.
Трајковски не губи надеж дека пчеларството ќе опстане бидејќи пчеларите се упорни, а домашниот сој на пчела е прилагоден на условите.
– Ние сме големи ентузијасти и покрај загубите пчеларите не се откажуваат, се обидуваат да ги одржат во живот пчелите и тоа влева надеж дека пчеларството ќе остане добра гранка. Секогаш живееме со надеж и очекуваме да поминат овие лоши временски услови и ќе дојде нешто подобро. Има време месец мај е пред нас а и летото е важно какво ќе биде – додава тој.
За субвенциите, вели, ќе дојдат во мај или во јуни годинава, но тие не ги покриваат трошоците што ги имаат пчеларите за заштитата од болести на пчелите, обнова на пчелните семејства за зимското и пролетното прихранување и ред други обврски.
И покрај климатските промени, според него, најдобар за опстанок се покажа домашниот сој на пчела.
– Таа е прилагодена на условите и добро опстојува. Имаме неколку регистрирани репродуктивни центри од кои се обновуваат пчелните семејства, а дел од пчеларите и самите ги зголемуваат семејствата. Како што реков упорни сме да ја одржиме во живот пчелата која е значајна и за земјоделството и за другите граники – вели Трајковски.
Во земјава има околу 6.000 пчелари со околу 230.000 пчелни семејства. Најголемиот број пчелари се занимаваат со пчеларство од хоби, а само 10 до 15 отсто се професионални.
Пчеларството е субвенционирана дејност. Пчеларите добиваат по 10 евра за пчелно семејство. Субвенцијата е 800 денари за оние што имаат од 50-100 пчелни семејства. За набавка на опрема, пчеларите можат да аплицираат и за ИПАРД-средства.
Пчеларите апелираат овоштарите да користат заштитни средства за овошките кои се еколошки и не им штетат на пчелите. Тврдат дека овие средства се ефикасни и не се поскапи од конвенционалните, а при пошумувањето државата да настојува да се користат багремот и медоносните растенија.