И да бојкотирате и да платите казна, пак ќе се најдете во статистиката
Симовски апелираше за спроведување на пописот и гаранираше безбедност од страна на попишувачите, но и потенцираше дека нема потреба да се бојкотира оваа статистика операција.
Сите оние кои ќе одлучат да го бојкотираат пописот и ќе платат казна, сепак ќе завршат во статистиката, но ќе недостасуваат одредени карактеристки кои треба лично да ги кажат на попишувачите, а се од големо значење во креирањето и спроведуваат одредени развојни политики.
Го прашавме директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, што ако 100.000 скопјани, на пример, не се попишат и си платат казна? Дали тие ќе влезат во статистиката?
– Доколку некој одлучи да не се попише, а притоа плати казна, како што знаете, ние користиме комбиниран метод за пописот, така што ќе добиеме дел од потребните податоци, но без одредени карактеристки кои треба лично да ги каже попишуваното лице. Јас се надевам дека ќе има доволно разум во оваа држава кај нашите граѓани, после 20 години без попис, да сфатат дека ни е неопходна оваа акција и дека немањето пописни податоци од 2011 година нѐ чини страшно многу и како држава и како граѓани, пред сѐ, како граѓани – ни изјави директорот Симевски
Тој апелираше за спроведување на пописот и гаранираше безбедност од страна на попишувачите, но и потенцираше дека нема потреба да се бојкотира оваа статистичка операција.
– Има т.н. штетници кои сакаат да се бојкотира пописот, но со тоа само прават лошо на самите себе и на државата за ситни политички поени. Овие податоци ќе бидат со важност од 10 години, па доколку се смени политичката гарнитура тогаш податоците ќе им бидат од корист. Видете ако одиме регуларно ќе имаме барем два парламентарни изборни процеси, а можеби и повеќе. Значи, пописот не се прави ниту за Владата ниту за некоја политичка партија, се прави пред сѐ за граѓаните во државата, за оние што носат, креираат и спроведуваат одредени развојни политики, да имаат доволно елементи тие да бидат квалитетни политики, да не се базираат на некакви си паушални оценки, на интуиција или на нешто слично – вели Симовски.
Како што е веќе познато, овој попис ќе се спроведува според комбиниран метод, па така при попишување на терен ќе се користат истовремено податоци од збирките на Министерството за внатрешни работи (базата на државјани), Министерството за информатичко општество и администрација (податоци вклучени во регистарот на населението), Министерството за образование и наука (податоци за запишаните ученици во основни и средни училишта во тековната учебна година), Министерството за труд и социјална политика (податоци за лицата корисници на права на социјални примања по сите категории), Агенцијата за вработување (податоци за економската активност на лицата), Управата за јавни приходи (податоци за лицата кои имаат примања и за кои се исплаќа персонален данок на доход), ПИОМ-Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (податоци за примателите на пензија по сите основи), Управата за водење на матични книги (податоци од матичните книги за родените, умрените и венчаните лица), Агенцијата за катастар на недвижности (податоци за недвижностите и нивните движења) и Државен завод за статистика (податоци од статистичките истражувања за запишани студенти на додипломски студии (прв циклус) на факултетите и високите стручни школи во академската година, како и податоците од статистичките истражувања за виталните настани и од Статистичкиот деловен регистар.
Според Законот за попис, санкции ќе има и за попишуваните и за попишувачите доколку ги прекршат правилата, ќе следат и парични казни но, и казни со затвор. Прекршочните постапки кои евентуално би се воделе пред надлежните судови, ќе се спроведуваат согласно Законот за прекршоците.
„Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, ако како учесник во Пописот неовластено издаде податоци од Пописот на трето лице или во својство на државен инструктор, реонски инструктор и попишувач, односно член на Комисијата за пописен реон, нема да постапи во согласност со упатствата и инструментите за спроведување на Пописот и овој закон.“, се наведува во Законот.
„Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години.
„Ако делото го стори учесник во Пописот или друго службено лице при спроведувањето на Пописот, ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години.
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци“, се наведува во Законот.
Оние што повикуваат на бојкот на пописот се повикуваат на член 39 од Уставот, кој вели на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Сепак, доколку одредено лице заработи казна за бојкот на пописот, таа ќе мора да ја плати и единствено може да се жали до Управен суд или до меѓународниот суд за човекови права, доколку се искористат сите правни лекови од македонското правосудство. Оние кои се повикуваат на прекршување на Уставот, единствено што можат да направат да го поднесат Законот за попис до Уставниот суд со цел оценка на членовите поврзани со санкции.