„И ЈАС И ТИ-СИТЕ СМЕ ПЕШАЦИ“ Акција за безбедност на пешаците и во Куманово

Во првото тримесечје имаме 18 жртви што споредено со минатата година за десет помалку, затоа што минатата година имавме 28 жртви во првото тримесечје.

55

Во Куманово денеска беше организирана акцијата во рамки на новата кампања „И јас и ти-сите сме пешаци! Безбедноста на прво место! која ја спроведуваат Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје.

Според податоците на надлежните,  2021 е година со најмал број жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечје во годинава покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.






Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски изјави дека новата кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност значително ќе придонесе за актуализирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот на сите учесници, особено на пешаците како ранлива категорија.

– Со оваа кампања сакаме особено да им се обратиме на помладите, да ги заштитиме да бидат внимателни за себе и за другите учесници во сообраќајот. Навистина не се убави сликите коишто се емитуваат по медиумите кога гледаме дека семејства тажат по своите загинати членови и затоа сите заеднички треба да одговориме на овој предизвик. Така ја сфаќам оваа обврска – заеднички можеме да постигнеме многу и јас и ти – сите сме пешаци – рече Дујовски.

Ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. МВР со партнерите ќе продолжи со превентивни и репресивни мерки кои ќе придонесат за безбедност во сообраќајот.

– Во првото тримесечје имаме 18 жртви што споредено со минатата година за десет помалку, затоа што минатата година имавме 28 жртви во првото тримесечје. Што се однесува, пак, конкретно до месец март имаме четири жртви на сообраќајниците, споредено со минатата година тоа е за четири пати помалку затоа што минатата година имавме 16 жртви во сообраќајот. Но, за нас и една жртва е многу и затоа интензивно продолжуваме и со овие превентивни кампањи, но и со репресивните, односно со санкционирање на оние што не ги почитуваат правилата за да имаме што е можно побезбеден сообраќај – рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Портпаролот на РСБСП Дејан Андоновиќ, пак, потенцираше дека за жал, бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди секаде во светот е значително висок.

– Пешаците се најмасовна и најранлива, но и најнедисциплинирана категорија на учесници во сообраќајот. Сите сме ние првин пешаци, а потоа сè друго. И во сообраќајот мораме да знаеме и апелираме дека нема апсолутно предимство. Оттаму, почитувајте ги правилата и прописите, пропишаната сообраќајна сигнализација, преминувајте улица таму каде што е означено. Се знае дека на црвено се стои, на зелено се поминува. И почитувајте ги останатите учесници во сообраќајот за и тие да ве почитуваат вас – повика Андоновиќ.

Поврзани содржини