И АКТУЕЛНИ МАКЕДОНСКИ ФУНKЦИОНЕРИ НА ЦРНАТА ЛИСТА НА САД? Ковачевски и Пендаровски знаат нешто, ама не смеат да кажат
Тројца дипломати од Стејт департментoт биле во Македонија во мисија на собирање информации што се случува на политичката сцена, во бизнис сферата и во правосудството – нивното мислење ќе биде клучно за тоа кој ќе се најде на црната листа.
Откако претседателот Стево Пендаровски во интервју за Канал 5 проговори за можноста и актуелни функционери да се најдат на обновената црна листа на американскиот Стејт департмент, ова денеска го потврди и премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот изјави дека не е исклучено на американската црна листа да се најдат и актуелни функционери.
Ковачевски не даде други информации, но прецизираше дека тој не се видел со американските истражители.
На прашањето дали се тоа функционери за кои што Грковска иницираше постапка за утврдување на злоупотреба, премиерот рече дека Грковска не кажала дека поднела кривични пријави, туку дека „до неа имало пријави што после таа ги спроведува согласно со нејзините надлежности до надлежни институции“.
На прашањето дали постои можност да се истите, премиерот рече дека не знае.
Интересно е дека претходно Пендаровски на Канал 5 изјави дека знае неколку работи во врска со обновената црна листа, но не можел и не требало „повеќе да изнесува“.
– Стануваше збор за тројца дипломати во Стејт департментoт, кои беа тука во мисија на собирање информации што се случува на политичката сцена, во бизнис сферата и во правосудството. Во виталните сектори на општеството. Од аспект на тоа утре, задутре, да ја дополнат таа т.н. црна листа, или како што се нарекува официјално. лица и ентитети кои се под санкции на Америка – рече претседателот.