И АЈВАРОТ ОТИДЕ ПО КЕЧАПИТЕ! Хрватска „Подравка“ почна да го пакува во туба!?
Горди сме што нашиот тим од експерти дизајнираше амбалажа за ајвар, која е прва од ваков вид во светот и веќе станува хит меѓу потрошувачите – изјавија првите луѓе на „Подравка“.
Хрватскиот гигант од прехранбената индустрија „Подравка“ објави дека прв во светот лансирал пакување ајвар во пластична туба, слична на оние во кои сме навикнати да купуваме кечап или мајонез. Новата амбалажа целосно ќе ги замени стаклените тегли за пакување на овој традиционален македонски специјалитет.
Проектот за новата амбалажа е кофинансиран од ЕУ и хрватската влада, а чинел 5,5 милиони евра. Тој вклучува инвестиции во модернизација на фабриката за преработка на овошје и зеленчук, нови технологии и нови производи.
– Со оваа инвестиција овозможивме да го зголемиме капацитетот за преработка на овошје и зеленчук, но неговата најголема вредност е линијата која ни овозможува целосно иновативен начин на пакување на ајварот и другите производи. Горди сме што нашиот тим од експерти дизајнираше амбалажа за ајвар, која е прва од ваков вид во светот и веќе станува хит меѓу потрошувачите. Модернизацијата на производствените капацитети на „Подравка“ е во полн ек, што ќе ни овозможи да направиме дополнителни иновации и да ја зајакнеме нашата конкурентност во 70 земји во кои ги извезуваме нашите производи – изјави претседателката на Управниот одбор на „Подравка“ Мартина Далиќ.