И 17-ГОДИШНИЦИ ЌЕ ВОЗАТ КАМИОНИ И АВТОБУСИ? Европа бара чаре како да најде шофери

Комитетот за транспорт на Европскиот парламент (ТРАН), експертски комитет за прашања за патниот транспорт, уште на крајот на минатата година најави големи реформи во областа и намалување на прагот на полагање испит за возачи на камиони и автобуси на 17 години, но Европскиот совет за безбедност на транспортот (ЕТСЦ) силно се спротивставува на идејата малолетници да се најдат зад воланот на неколку тони тешките возила.

573

Европската Унија подготвува нова директива за патниот транспорт во која покрај другото се предвидува да се дозволи со 17 години да може да се полага и управува камион или автобус, но со обврска тоа да биде во придружба на поискусен колега. Причина за новите правила за добивање возачка дозвола е намалениот број на возачи во земјите на ЕУ. Се проценува дека во рамки на Унијата има недостиг од околу 600.000 возачи со тенденција бројката да расте.

Реформата би опфатила и усогласено и полесно признавање на возачките дозволи што потекнуваат од трети земји, како и можност земјите членки на ЕУ да ја намалат минималната возраст за возачите на автобуси на 18 години, без ограничување на растојанието што можат да го возат. Досега таа граница беше 50 километри.






Новата реформа предизвика и спротивставени дискусии токму во европските институции.

Комитетот за транспорт на Европскиот парламент (ТРАН), експертски комитет за прашања за патниот транспорт, уште на крајот на минатата година најави големи реформи  во областа и намалување на прагот на полагање испит за возачи на камиони и автобуси на 17 години, но  Европскиот совет за безбедност на транспортот (ЕТСЦ) силно се спротивставува на идејата малолетници да се најдат зад воланот на неколку тони тешките возила

Дискусиите одат до таму што се претпоставува дека ќе се создаде хаос на патиштата доколку се дозволи 14.000 тинејџери се најдат зад воланот на тешки товарни возила, што пак за подлога ги има искуствата од дел од земјите и науката.

Податоците од Финска, Германија и од Полска покажуваат дека најмладите возачи на камиони (на возраст од 18 до 19 години) предизвикуваат многу повеќе несреќи отколку постарите возач. во прилог одат и научните сознанија според кои на овие години младите не се созреани.

Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) пак, оценува дека кампањата против директивата се заснова на лажни информации.
– Младите професионални возачи и младите возачи не се исти. Професионалните возачи возат за живот. Тие се целосно мотивирани и обучени стотици часа да возат внимателно за да го одржат своето постоење. Покрај тоа, тие нема да возат сами како 17-годишници, туку цело време ќе се едуцираат од искусни ментори – изјави Ралука Маријан во име на организацијата.

Конечната одлука за старосната граница на возачите на камиони и автобуси треба да ја донесе Европскиот парламент следниот месец.

Европската Унија уште во 2006 година препорача ограничување од 21 година за возачите на камиони и 24 години за возачите на автобуси. Но во последниве години, индустријата за патен транспорт, која сериозно страда од недостиг од кадар, го детектира намалувањето на старосната граница за возачите како евтин и брз начин за решавање на проблемот. Лобирањето во индустријата наскоро се покажа успешно, а некои земји од Европската Унија оттогаш ја намалија старосната граница на 18 години.

Поврзани содржини