Хушкачите во сите наши „светови“

Сѐ додека има такви луѓе подготвени да одработуваат – а кај нас ги има и премногу! – ние ќе бидеме растргнати помеѓу повеќе „светови“. Коишто, во самата суштина, не се непријателски. Непријателски се нивните интерпретации и злоупотребата од поединци и групи, поддржувани од политиканти од сите партии.

108

Треба да си крајно злонамерен, радикално политикантски исфрустриран, прилично умствено растроен но и лош, па врз еден навивачки инцидент да градиш параспур теорија за некакви „светови“, да изведуваш „љуБчовистички“ малоумни заклучоци, но и да обвинуваш цела легитимна Влада и да бараш оставки заради ксенофобично дивеење на група луѓе. А згора на тоа, свесно или не, јавно да ја прокламираш и личната ксенофобија кон еден друг етникум, во случајов ни крив ни должен.

Единствниот можен заклучок од дегутантното однесување на таквите хушкачи е обидот да се создадат меѓуетнички тензии во државата, да се подбуцнуваат други групи на сличен одговор, па и одмазда. И нема ништо поподло и понеморално од таквите подбуцнувачки намери на поединци користејќи секакви „опозициски“ медиуми кои им нудат можности за такви политикантски „настапи“!






И ако некој, покрај одговорноста на онаа група навивачи, треба да бара елементи на кривично дело, мора да ги има предвид постапките и на овие поединци. Зашто не гледам ама баш никаква разлика меѓу едните и другите, делата се јавни, само што овие вторите се прикриваат зад некакво право односно слобода на јавен збор, зад некаков „опозиционерски“ говор, а сепак обвиткан со смрдлив провинциски интелектуализам и слични будалаштини. Што е во двата случаи разликата? Или – ја нема?!

Инаку, искрено, не можам да најдат ниту еден рационален мотив за оној и онаков скандалозен изблик на меѓуетничка омраза на репрезентативен кошаркарски натпревар каде противникот е – Романија. Каква врска има оваа држава со дотичниот, онака навредуван, етникум во Македонија, или целата таа харанга против албанското малцинство е насочена кон некоја личност во македонската кошарка, кон друга група навивачи и слично? Никој не појаснува зошто се случил таков инцидент? Не знам дали во македонската репрезентација има играч етнички албанец и дали баш кон него биле упатени навредите? Но знам дека во македонската фудбалска репрезентација ги има неколку, одлични играчи, секогаш поздравени од македонската публика со аплауз. Што тогаш се крие во кумановскиот случај?

Но тоа не го појаснуваат ни хушкачите, но затоа знаат дека тоа бил некаков „пораз на југословенската политика на Скопје“ (sic!), дека тоа што се случувало во Куманово „не претставува изолиран случај, туку е уште еден во низата преку кој власта ја поттикнува или во најмала рака ја нормализира антиалбанската реторика во општеството“… итн., итн. И не само што е евидентно дека секој од хушкачиве ја тера водата на својата одмазничко-простачка воденица, туку и секој од нив – како добри политиканти и веќе осведочени подбуцнувачи – веднаш има рецепт кој, што и како требал да постапи во дадениот случај. И премиерот, и министерот за внатрешни, и министерот за спорт… И, веројатно, требало веднаш да бидат повикани силите за брзи интервенции да ја расчистат салата, а по потреба и да скршат неколку глави. Зашто, нема добар рецепт без малку крв, нели.

Ама ете, нив нема кој да ги слушне. А всушност – има. Затоа и така подбуцнувачки „пеат“. Впрочем, во секое мултиетничко општество, а цела Европа одамна е таква, секогаш има кој да ги слушне тие огнени „пораки“. И хушкачите играат на таа карта, па веќе предвидуваат и тепачки во автобусите, можеби и следна тивка формална српска окупација на Македонија. Зашто оние неформалните – културата, науката, спортот, образованието… – се одамна тука само ние не ги гледаме. Или не сакаме да ги видиме, па затоа во Охрид ни пее Лепа Брена – не знам зошто не бараат оставка од министерот за култура? – па некој Раста дојден од „српскиот свет“ да продава дрога на невината македонска младина итн. Ама затоа се тие тука и сакаат тоа да го видат, за наше добро. Како што впрочем и секој друг одвратен национализам и ксенофобија се колне во нечие добро! И затоа тие се некоја „друга страна“, како и сите разулавени националисти и се идентификуваат со „сите нас“. Што ли си мислат, кои се „тие“ а кои сме „ние“? Или мислат дека ние заборавивме кои беа тие?

Дури и Хелсиншкиот комитет се заплеткува во пајажината на еден национализам, не гледајќи ги сите други. Зашто, ако веќе говориме за „светови“, треба да говориме барем малку отворено. Што ќе рече дека во оваа и ваква денешна Македонија кружат барем четири „света“: албанскиот, бугарскиот, грчкиот и српскиот. Македонскиот го има тук-таму, ама од овие другиве и особено од нивните хушкачи – како да го нема. Впрочем, ништо поинаку уште од времето на „прославените“ историски националистички пропаганди, атмосферата пред и по Балканските војни итн. Ама на едни националисти и закоравени ксенофоби постојано пред носот им е „српскиот свет“ како закрила за другите. Настојчиви се тој да ни го подметнат како најопасен. Иако, барем досега, тој ништо не побарал од нас. Ама што е тоа важно, нели, тие подобро знаат. Заедно со оној некогашен голтар кој преку ноќ, со помош на некоја магија, стана „средно богат бизнисмен“. Но, нему веројатно никој во земјава, а особено во онаа Југославија, не сакал да му ги печати оние лигаво вулгарни песнички. И заради тоа сите му се виновни. За другиве не знаеме, ама ќе се разбере. Можеби, заради глупоќа, не успевале да го научат српскиот јазик? Којзнае, потсвеста е една голема тајна! Или сакале на другарот им Тито да му ја врачат штафетата, ама Циле и Азем ги претркаа?!

Сакам да кажам: сите четири „света“ и денес, како и столетија претходно, кружат низ македонскиот простор, со генерално исти или слични интереси како и порано. И Македонија и тогаш, а особено по 1945 година, успешно се справувала со нив. Ако оној социјализам имаше некои предности, тогаш таа беше една од нив. Денес – вака распуштени и разулавени, како да не умееме. Или некои не сакаат. А такви изгледа има многу. Тие едноставно не сакаат да ги „отворат“ другите „светови“. Или не смеат, не знам. И тука воопшто не е проблем само онаа хушкачка багра која исполнува некакви агенди, туку и „независните“ организации (Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Хелсиншки комитет, разноразни фактчекери, Совет за етика во медиумите и др.) но и владините институции (Јавното обвинителство) кои по правило молчат пред туѓите национализими, говор на омраза кај соседите или кај домашните етнички малцинства и нивните претставници во власта итн. Зошто? За „мир во куќата“. Па каков е тој лажен мир, по ѓаволите?!

Се разбира, секогаш е поедноставно да обвиниш безлична толпа, луѓе без име и презиме, отколку конкретни персонализирани поединци. Впрочем, ниту една од погоре спомнатите „инстанци“ не превзеде ама баш ништо против неодамнешното националистичко и ксенофобично дивеење во европскиот парламент (малите букви се…), против пратеници од соседните земји со име и презиме! Или стравот од еу (малите букви…) е многу, многу поголем токму за грантовите на нивните а не нашите „ен-џи-о”? И затоа ли е ова простачко солидаризирање со глупостите на нивната еу коешто на крајот завршува во најцрна ксенофобија кон соседен народ?

Сѐ додека има такви луѓе подготвени да одработуваат – а кај нас ги има и премногу! – ние ќе бидеме растргнати помеѓу повеќе „светови“. Коишто, во самата суштина, не се непријателски. Непријателски се нивните интерпретации и злоупотребата од поединци и групи, поддржувани од политиканти од сите партии. Дезориентираното жонглирање на такви локални „жешки глави“ со сегашноста, минатото и особено иднината засега успешно подметнува секакви конструкции кои дури наидуваат и на некаква, иако минимална, поддршка. И упорно, со личната хипокризија и заборавајќи ги сопствените провинциски придонеси, го насочуваат јавното мислење дека Македонија стои во место па дури и назадува, дека оваа земја не е за нив (sic!), дека македонските политичари не знаат што говорат и ламентираат врз некој „замислен свет“ итн. Ужасно неморално, крајно лицемерно. Но тоа е сепак друга тема, за друга прилика.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини