ЕУ ЌЕ „ИСТУРИ“ ПАРИ НА БАЛКАНОТ И ПРЕД ПОЛНОПРАВНОТО ЧЛЕНСТВО Фон дер Лајен ветила укинување царини, олеснет транспорт, 2 милијарди евра грантови, 4 милијарди евра инвестиции…
Граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат истите придобивки кои што ги имаат граѓаните на Европската Унија уште пред полноправното членство. Тоа е суштината на Планот за раст за Западен Балкан, кој претседателката на Европската комисија го претставила во Скопје.
Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен денеска во Скопје донесе конкретен План за раст за Западен Балкан со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат истите придобивки кои што ги имаат граѓаните на Европската Унија уште пред полноправното членство – рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес конференција со фон дер Лајен, на која претходеше тет-а-тет средба меѓу неа и Ковачевски, какои и билатерален состанок на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија и делегацијата на Европската Комисија.
– Претседателката Фон дер Лајен, секогаш кога е тука, доаѓа со конкретни исчекори и конкретни планови за приближување на земјата и регионот кон Европската Унија. Таа беше тука минатата година, во октомври, кога го потпишавме договорот со ФРОНТЕКС, првиот договор помеѓу Европската комисија и Северна Македонија на македонски јазик, кој веќе се практикува на дело.
Денес дојде за да разговараме за конкретен План за раст за Западен Балкан со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат истите придобивки кои што ги имаат граѓаните на Европската Унија уште пред полноправното членство. Овој План, ние го баравме од Европската Унија и затоа, тука, сакам да ѝ се заблагодарам на Претседателката за нејзината посветеност и нејзиниот тим кој работеа на подготовката на овој план за раст – рече Ковачевски.
Оценувајќи дека со овој План за развој двојно ќе се зголеми обемот на економијата на регионот и во земјата, а со зајакнувањето на воспоставениот регионален пазар економиите ќе пораснат за околу 10%, Ковачевски наведе делови од тој план:
– Отворање на пазарот на ЕУ за македонски производи со кои се елиминираат трговските бариери
– Ќе се зголемени опфатот на производи за бесцарински увоз и извоз
– Се скратува времето за чекање на границите
– Се намалуваат трошоците за транспорт
– Се овозможува непречено движење на услуги во делот на е-трговијата
– Се признаваат квалификациите на професионалците, и се зголемува квалитетот и на образованието
– Се намалуваат трошоците за безготовински прекугранични плаќања
– Се либерализира транспортот односно патниот сообраќај
– Се отвораат дополнителни можности за развој и учество во процесите на енергетската трансформација на Европа
– Се намалуваат цените во роаминг, и тоа и за повици и пораки, што ќе биде следниот чекор, а не само за дата трансфер.
Ковачевски додаде дека владата ќе работи на максимално искористување на средствата кои ќе бидат достапни преку овој План за раст.
– Планирани се 2 милијарди евра во грантови за земјите од ЗБ кои ќе повлечат 4 милијарди евра во заеми за стратешки проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните и работењето на компаниите а секако и инфраструктурата за поврзувањето на земјите од Западен Балкан.
Непобитен факт е дека евроинтеграциите се многу важни за економскиот развој на државата бидејќи овозможуваат пристап до финансиски средства. Од независноста до денес, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра – грантови и макрофинансиска поддршка, средства кои ни овозможиле развој. Нашата евроатланска ориентација како Влада носи резултати и за земјата и за компаниите и за граѓаните.
Ова е показател дека европскиот пат е правилниот пат. Со членството во ЕУ резултатите ќе бидат уште подобри. Тоа го покажуваат и анализите меѓутоа и искуствата за земјите пред и по влезот во ЕУ – рече премиерот Ковачевски.
Според него, членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но остварлива цел за Македонија.
– На Северна Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација каква што гледавме во минатото. Патот до ЕУ не е лесен, но мора да се изоди. Затоа што на крајот на тој пат е големата награда а тоа е полноправно членство во ЕУ, членство во Унија на најразвиените, најбогатите држави во кои економски просперитет, социјална правда и врвно владеењето на демократијата и правото. Нашите граѓани, идните генерации ќе живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет, но она што е најважно, побогати и со подобар стандард од тоа што го имаат сега – рече Ковачевски на заедничката прес- конференцијата со еврокомесарката Урсула фон дер Лајен.