Хрватското здружение на работодавачи апелираше денеска до Владата времено да го суспендира плаќањето данок на сите видови помош и донации за граѓаните на Хрватска, кои се погодени од земјотресот на подрачјето на Петриња, Сисак и Бановина.
Тие објаснуваат дека првично мислат на пресметување и плаќање на ДДВ, како и данок на доход и придонеси за помош, која работодавците сакаат да им ја исплатат на работниците, погодени од последиците на потресот.
– Апелираме на Владата да донесе одлука итно да ги ослободи донаторите, како правните така и физичките лица, од плаќање ДДВ на донациите на стоки и услуги во борбата против последиците од земјотресот – наведува здружението.
Според нив, голем број претпријатија веќе покажаа дека се заинтересирани за директна помош на погодените граѓани.