ХРВАТСКА ПОБАРА ЕУ ДА НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ПРЕВОЗНИЦИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН Бизнисмените бараат да запрат блокадите на границите

Хрватскиот министер за транспорт Олег Бутковиќ изјави дека го презентирале нивниот став за можен компромис и предложиле да се најде решение за што поскоро да се прекинат овие блокади.

45

Хрватскиот министер за транспорт Олег Бутковиќ изјави дека треба да се најде решение за возачите на камиони од земји надвор од ЕУ кои не можат да останат во Европската Унија повеќе од 90 дена во текот на шест месеци, поради што протестираат, а на граничните премини се формираат големи редици и сообраќајни метежи, објавија хрватските медиуми.

Тој информира дека хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, веќе контактирал со Европската комисија.






– Ние го презентиравме нашиот став за можен компромис и предложивме да се најде решение за што поскоро да се прекинат овие блокади – рече Бутковиќ.

Според него покрај регионот последици од блокадите има и Хрватска за што реагирале и бизнисмени.

-Тоа дефинитивно не е добро. Тоа е загуба за економијата на трети, соседни земји, но и за хрватската економија. Ме контактираа и одредени компании кои велат дека ова ги спречува да работат нормално и дека претставува сериозна пречка. Станува збор за фактот дека возачите не можат да останат во земјите-членки на ЕУ повеќе од 90 дена во период од 180 дена и мислам дека тука треба да се најде одредено решение и компромис – рече Бутковиќ.

Поврзани содржини