ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА „ПОЛИТИКА“ Нема гаранции дека ова ќе биде последна промена на Уставот

Ако промена на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија ќе беше членка и шампион на ЕУ, затоа што во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки заедно. Тоа им го кажуваме јасно и гласно на нашите партнери од меѓународната заедница. Партнерството е двонасочна улица која се базира на почитување. Институционалните гаранции од страна на ЕУ се еден мал чекор за нив, но големо охрабрување за нас дека европскиот пат не е подвижна цел, туку нешто што е остварливо - вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто.

954

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешното интервју за белградска „Политика“, истакна дека нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот.Тој ја ја обвинува македонската дипломатија дека не се изборила за подобри позиции и гаранции за да нема да има нови пречки за македонските евроинтеграции

– Која е гаранцијата дека оваа промена на Устав која сега се бара од Македонија ќе биде последна? Дека нема утре да се бара промена на устав во која ќе се редефинира прашања кои се од идентитетски карактер или нема да се бара ново минимизирање и бришење на АСНОМ како темел на македонската државност. Некои сигнали стигнуваат од Бугарија кои веќе отворено го негираат Илинденското востание и неговиот карактер и за ова повторно немаше никаква реакција од страна на Министерството за надворешни работи – истакнува Мицкоски во интервјуто.






Одговарајќи на прашањето за пораките од високите функционери дека промената на Уставот е единствениот пат на просперитет на Македонија во рамки на европските перспективи, Мицкоски го повтори ставот на ВМРО ДПМНЕ.

– Ако промена на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија ќе беше членка и шампион на ЕУ, затоа што во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки заедно. Тоа им го кажуваме јасно и гласно на нашите партнери од меѓународната заедница. Партнерството е двонасочна улица која се базира на почитување. Институционалните гаранции од страна на ЕУ се еден мал чекор за нив, но големо охрабрување за нас дека европскиот пат не е подвижна цел, туку нешто што е остварливо – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски ги повтори ветувањата дадени од ЕУ пред референдумот за Преспанскиот договор, посочувајќи дека институционалните гаранции на ЕУ треба да значат дека оваа, некоја идна влада, па и владата после неа ќе има конкретна цел што треба да исполни.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека  ВМРО-ДПМНЕ е за предвремени избори и рече дека „нам власт, заради власт не ни треба“, одговарајќи на прашањето за понудата на премиерот Димитар Ковачевски за влез во владата и оставките на министрите од ДУИ.

-Учеството во влада во која нема да бидат дел инкриминираните структури на СДС и ДУИ може само да помогне од вадењето на државата од тонењето кое се случува секој ден. Тоа можеше само да помогне државата полесно да чекори кон реформите, но истото без јасните позиции во надворешните односи е беспредметно. Вие може да правите реформи кои се блескави, ама на друга маса кај што инсистира Бугарија ќе бидете кочени заради историски и ретроградни наративи. Да напоменам, Владата не се произнесе за овие наши предлози, туку проба на перфиден начин да ги злоупотреби и изврти. Сега единствената опција која ни преостанува се изборите – посочи Мицкоски.

На прашањето за неговиот став дека прво треба да се одржат избори, па потоа да се разговара за уставни измени, што е оценето како задоволување на партиските, а не на националните интереси, Мицкоски вели дека „изборите се демократски чин и начин народот да се произнесе за политичките процеси во една земја и народот да даде мандат за тоа дали и под кои услови ќе се менува македонскиот Устав“.

-Консензусот кој јавноста го бараше, а кој се однесуваше на тоа историските и идентитетските теми да останат надвор од преговорите, кој се однесуваше на некаков реципроцитет и позитивен сигнал и институционални гаранции од страна на ЕУ и Бугарија, се добра основа на која идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за европската иднина – вели Мицковски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за „Политика“ уште еднаш нагласи дека „пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалициски партнери од парламентарната група покажаа дека овие измени под диктат не може да се случат“.

Поврзани содржини