ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ, ВИЛМА РУСКОВСКА И НОВИНАРИТЕ ЛАНДОВ И ЗЛАТЕВ БИЛЕ ТАРГЕТИ Списокот на незаконски следени и прислушувани јавни личности е многу поголем

Плусинфо ги истражи првите неофицијални информации за тоа кои лица биле незаконски следени и прислушувани во периодот 2019-2024 година. Засегнатите зборуваат отворено, институциите засега молчат.

4,870

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неколку новинари и најмалку еден јавен обвинител биле незаконски следени и прислушувани од страна на лица од македонската тајна полиција (Агенцијата за национална безбедност – АНБ), во периодот од 2019 до 2024 година, тврди за Плусинфо добро упатен извор од обвинителските кругови.

Јовче Ременски незаконски ме следел, потврди Русковска






Обвинителот што е следен, тврди нашиот извор, е Вилма Русковска. Обвинителката Русковска, во изјава за Плусинфо, тоа го потврди:

– Немам информации дали сум незаконски прислушувана во овој период, но извор кому му верувам, а кој ги знае работите, ми кажа дека сум била незаконски следена од страна на Јовче Ременски, сопругот на поранешната пратеничка Фросина Ременски, против која во тоа време бев подигнала обвинение – вели Русковска.

Плусинфо со Русковска го сподели и сомневањето дека била незаконски прислушувана, во еден или повеќе разговори со новинарот Кристијан Ландов.

– Јас за тоа немам информации, но не би ме изненадило да било така. Можно е јас да сум била таргет, а можно е и новинарот да бил таргет. Се надевам дека и тоа прашање ќе се расветли – коментира обвинителката.

Го прашавме и Ландов за сево ова. Тој вели:

– Не ми е познато, не сум имал причина зошто да се сомневам. Дали било можно или не, тоа треба да кажат службите. А комуникација со Вилма Русковска сум имал, исто како што сум имал комуникација и со други обвинители кои имале предмети од јавен интерес. Дотолку повеќе што Русковска во дел од посочениот период беше и шеф на ОЈО-ГОКК. Комуникацијата ни датира до 2020 година наваму.

Љупчо Златев сака да го види Виктор Димовски зад решетки

За разлика од него, новинарот Љупчо Златев вели дека уште во далечната 2019 свиркачи од АНБ му посочиле дека бил следен со посебни истражни мерки.

– Податоците кои ги имам се дека во периодот од 2019 до 2024 година за мене се отворани апсурдни предмети, кои имаат единствена цел да бидам ставен под посебни истражни мерки, односно да бидам следен и прислушуван. Белешките кои се користеле, се искази за луди сценарија, кои на службата ѝ ги кажувале некакви соработници. Содржината е измислена, а соработниците случајно ги познавам, односно се луѓе кои постојано ми се појавувале од некаде, сакајќи да имаат комуникација или некаква соработка со мене. Еден од нив е осуден за убиство на дете и старец, друг е подкастер и некаков уредник, трет е измамник кој пропадна една од најголемите градежни компании во земјава. Во меѓувреме, кога беше Виктор Димовски директор на АНБ, агенцијата поднесе кривична пријава против мене и почна судска постапка за „Оддавање на државна тајна“, која трае до ден денес. Во меѓувреме, Стејт Департментот, во извештајот за човековите права во Македонија, го спомна моето име како елементарен пример за неоснована репресија врз новинар од страна на тајната служба. Чекам разрешница на овој апсурден случај, кој во изминатите пет години предизвикува огромна загриженост во моето семејство. Но, чекам и да го видам Виктор Димовски зад решетки. За кодошите, ќе ги оставам тешките муабети на страна, нив универзумот доволно ги казнил – вели Златев.

ЗНМ нема официјални поплаки, но е на готовс да помогне

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) досега нема добиено официјални поплаки или пријави од новинари за незаконско прислушување, вели претседателот Младен Чадиковски.

– Потсетуваме дека секое евентуално прекршување на правата на новинарите би претставувало сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде информирана. ЗНМ останува отворено за сите свои членови, подготвено да обезбеди правна поддршка и да побара институционална реакција и одговорност, доколку има сериозни индиции за нелегално следење и прислушкување на медиумски работници – вели Чадиковски.

Мала група „ја киднапирала“ АНБ?

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) минатата недела соопшти дека доставила три известувања до Јавно

то обвинителство против поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување во периодот 2019 – 2024. Според брифинзи пренесени од повеќе медиуми, оформувани биле предмети за оперативни обработки насочени кон опозиција, „лидер на опозиција“ (денешниот премиер), јавен обвинител, поранешен министер и новинари.

Според некои медиумски објави, мала група во АНБ „ја киднапирала“ институцијата и ги користела ресурсите за лични и политички цели, вклучително и за влијание врз притвори и за безбедносни сертификати. Ова отвора прашања дали реформите биле доволни и дали функционирале внатрешните контроли во изминатите години.

Љупчо Коцевски ги контролирал ПИМ-мерките и во времето на Јовевски

Кој бил должен да ги контролира посебните истражни мерки (прислушување, следење и слично) во периодот од 2019 до 2024 година? Според нашиот извор, тоа бил државниот јавен обвинител или обвинител од него овластен.

– Љубомир Јовевски беше избран за државен јавен обвинител во ноември 2017 година. Мандатот, според законот, трае 6 години, односно формално неговиот период е 2017 – 2023. Во февруари 2024 година, на негово место доаѓа актуелниот државен обвинител Љупчо Коцевски. Интересно е дека и во периодот кога Јовевски е обвинител,. Задолжен за посебните истражни мерки е Коцевски. Според моите сознанија, тој таа задача ја нема пренесено на друго лице. Така што, вистинскиот човек за поставување прашања е Љупчо Коцевски – вели нашиот извор од обвинителските кругови.

Од „Големото уво“ до „бомбите“

По осамостојувањето на земјата, македонскиот безбедносно-разузнавачки апарат функционираше преку тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), во рамките на МВР. Низ годините критиките беа насочени главно кон недоволната парламентарна и судска контрола врз мерките за тајно следење.

Во 2001 година избувна аферата „Големото уво“ и се однесуваше на незаконско прислушување преку тајниот систем за следење во рамки на тогашната УБК. Според објавените информации, со овој систем биле следени телефонски разговори на голем број јавни личности – политичари, новинари, бизнисмени и дипломати – без соодветни судски наредби. Скандалот предизвика сериозен политички потрес, бидејќи дојде во чувствителен период – по вооружениот конфликт во 2001 година и за време на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор.

Иако аферата заврши без јасна судска разрешница и без одговорност на највисоко ниво, таа остана во колективната меморија како рана верзија на подоцнежните и многу поголеми прислушувачки скандали – особено аферата од 2015 година („бомбите“), која ја потврди перманентната слабост на институциите во оваа сфера.

Кулминацијата дојде во 2015 година со аферата за масовно незаконско прислушување, кога Европската комисија формира „висока експертска група“ предводена од Рајнхард Прибе, која утврди системски проблеми со владеењето на правото и злоупотреби во следењето на комуникациите. Според обвинителниот акт во случајот „Таргет – Тврдина“, во периодот 2008 – 2015 година без судски наредби биле следени илјадници телефонски броеви, а директно и индиректно биле засегнати околу 20.000 граѓани.

Реформите си се реформи, ама меракот за шпионирање не минува лесно

Како одговор, во периодот 2018 – 2019 година, државата направи институционални реформи: беше формирана Оперативно-техничка агенција (ОТА) како независно техничко тело што ја извршува интерцепцијата само по судска наредба, а УБК се распушти и се роди Агенцијата за национална безбедност (АНБ) со декларирани нови стандарди, филтри на персонал и контроли. Реформите беа проследени со препораки за парламентарен и граѓански надзор според меѓународни стандарди. Претставнички тела и комитети во Собранието добија проширени ингеренции за контрола на ПИМ-мерките.

Но, незаконските практики во оваа област очигледно тешко се искоренуваат.

– За жал, политичката злоупотреба на тајните служби е своевидна традиција во нашиот политички живот, па вакваta вест мене лично не ме изненадува. Напротив. Веројатно била почеста појава од еден ваков инцидент – вели проф. д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет во Скопје.

Доколку Обвинителството ги потврди најновите индиции на АНБ, ова ќе биде втора голема линија на незаконско следење после 2015 година. Можеби и затоа пратеникот Драган Ковачки од владејачката ВМРО-ДПМНЕ побара „искрен и темелен процес на прочистување“ и порача дека „одговорните мора да се соочат со правдата“.

ОБНОВЕНО (14.30 часот)

Во дополнителен разговор со редакцијата на Плусинфо, обвинителката Вилма Русковска објаснува дека со писмен допис до Виктор Димовски лично, ја информирала АНБ за закани на кои била изложена.

– Би требало да се провери дали евентуално таа моја белешка била причина за поведување оперативна акција на АНБ, која би вклучила и физичко следење – вели Русковска.

Поврзани содржини