Храбрата ослободителна пресуда на судијата Осман Шабани
Конечно еден судија се одважи да отфрли едно монтирано и со докази непоткрепено обвинение, за непостоечко кривично дело. Пресудата за „Тендери“, која во судската пракса треба да се третира како правен прецедент, треба да биде пример и за другите судии.
Честитки за судијата Осман Шабани од Кривичниот суд во Скопје, за ослободителната пресуда за Елизабета Канческа Милеска, Лидија Лазарова Цветковска и за Јулијана Угриновска во случајот „Тендери“.
Конечно падна едно произволно обвинение, склепано без докази. За правото и за правдата во Македонија, ослободителната пресуда на Шабани вреди повеќе од десет осудителни пресуди.
Канчевска Милевска и нејзините соработнички беа обвинети дека дел од градежните работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност биле вршени во корист на „Бетон“ од Штип, пред да се објави огласот за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, наводно спротивно на Законот за јавни набавки.
Обвинителот ја обвини Канческа Милевска дека преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие, наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Во доказната постапка обвинителот сепак не успеа да докаже ништо. Наместо тоа, обвинетите беа доведени во позиција да ја докажуваат својата невиност. Но, во потрагата по правда, тие најдоа добар сојузник во судијата Шабани. Тој покажа доблест и дозволи супервештачење на божемните докази. А супервештачењето целосно го поби обвинението.
Се докажа, всушност, дека немало ништо спорно во јавната набавка и не е сторено фамозното кривичното дело Повреда на службената положба и овластување. Дело за кое најчесто се фаќаат обвинителите, кога немаат докази за други кривични дела. Но, тоа е веќе друга тема…
Можеби обвинетите нема да бидат наградени и пофалени за оваа јавна набавка, како што рече адвокатот Сашо Дуковски, но ете, барем им падна товарот од душите што ги мачеше цели пет години. Веројатно нема да биде награден и пофален ни судијата Осман Шабани. Но, сите заедно заслужуваат честитки од јавноста, честитки кои бездруго ќе изостанат.
Сепак, најважно е што конечно еден судија се одважи да отфрли едно монтирано и со докази непоткрепено обвинение, за непостоечко кривично дело. Оваа пресуда, која во судската пракса треба да се третира како правен прецедент (откако ќе стане правосилна, се разбира), треба да биде пример и за другите судии.
Зашто, неколку обвиненија за кои сум пишувал до сега навистина се комплетни конструкции, најчесто политички, за чиешто „докажување“ се користат недозволиви методи и постапки, со кои се повредуваат процедурите, пристапот на обвинетите до правда и правото на одбрана.
Наместо со калкулации и префрлање на топката меѓу Основниот и Апелациониот суд, таквите обвиненија мора да завршуваат вака како ова – со ослободителни пресуди во прв степен. Но, за тоа се потребни храбри и авторитетни судии. Како во случајов судијата Осман Шабани.