Хотел „Европа“
Да се однесуваше ЕУ вака при секое проширување, „семејството“ одамна ќе го немаше. Инаку, приказните за мали деца за голем пазар, за нови перспективи, за поголем БДП…, се сепак само приказни. Ене го светот, отворен и огромен пазар, но што ние би пласирале таму?
Навистина, уште колку идиоти има таму? И каде седат? Во Европскиот парламент, во Европската комисија…, во која друга европска институција под уникатниот чадор викан хотел „Европа“? Или спомнатите се рамномерно распоредени во сите институции по малку, за да го нервираат оној шапшал Вархеи? И кои, и какви оправдувања сега ќе смислат локалниве „хотелиери“ за да го оправдаат/минимизираат однесувањето на ЕУ комесарот за проширување? Кој, малку-малку, па и нам ни држи некакви предавања за европско однесување, стандарди, вредности? Ако во тој бесплатен хотел со пет ѕвездички работат такви мустри како Вархеи, зарем е чудно што никој не сака да престојува таму? Дури и бесплатно?!
Од наша пак локална позиција, се чини дека нашиот престој во хотелот од насловот е повеќекратно условен, не само од типови како Вархеи, па оној Мишел кој ни се колнеше на верност до гроба, оној смешен Борел и слична братија, а богами ни од источниот ни сосед. Зашто, ако има вистина во констатацијата на г-динот Гаши дека „Ковачевски и Ахмети, покрај политичкото самоубиство што го извршиле, ја убиле и европската иднина на државата“, тогаш сликата драстично се менува, нели? Секако, лидерот на Алтернатива можеше тоа и порано да го каже, а не сега кога го исфрлија од власта. Некако, повеќе ќе му верувавме! Иако можеше да дополни и дека тоа „убиство“ било започнато многу години – ако не и децении – претходно, ама тој „случај“, по наш обичај, е веќе застарен! Но Гаши, во тоа време, бил многу помлад и веројатно тие процеси не го интересирале. Иако, ако бараме и други учесници во тој „случај“, освен посочениот двоец, Гаши веројатно би требал да го спомне и оној политикант кој неговата партија ја внесе во власта, нели? Зашто, во овој случај како „проект во процес“, говориме не само за едно туку за сериски убиства!
Од друга страна, метафоричкото „убиство“ на европската иднина на државата – или на нашата резервација во хотелот со пет ѕвездички, како сакате – можеби денес е апсолутно топ тема, но тоа де факто е само след на однесувањето на едно чудо „заслужни“ личности во редица „значајни“ настани. Овие денес имаат само споредна улога до утрешните форсирани уставни и други измени како увертира во конечниот практичен злосторнички чин: масовното убиство на цела една држава. Но за тоа се разговара само во кулоарите или во кафеаните, па и тогаш некако паушално, ноншалантно, импровизаторски…, а не со сериозно разглобување на проблемот и барање соодветни одговори и/или аргументи од типот „зошто“ и/или „затоа што“. Особено за круцијални теми а не за приказни за стандард, пазар, перспективи, „позитивни екстерналии“ итн.
Има многу „зошто“, но и веројатно многукратно повеќе „затоа што“ во дилемите односно аргументацијата дали Македонија треба/мора баш сега да биде дел од европското семејство на народи. Многу малку од оние објективните „затоа што“ се соодветно содржани во фантазмагоричните „објаснувања“ на надлежните кај нас. Дали со тоа оние потенцијални проблематизирања, оние „зошто“ добиваат на сила и значење? Веројатно, иако еднакво малку од нив се реално издржани сомнежи, а повеќето слободно едрат носени од периферните ветришта на актуелните состојби во државава. А тоа се однесува и на дел од моите „зошто“, признавам. Но, дури и тие, во даден миг, имаат специфична тежина. Особено денес, и особено заради фактот што никој не ги дава потребните одговори.
Зошто? Не заслужуваме јавна, компетентна елаборација на досега постигнатото (или „постигнатото“, сеедно) освен тук-таму нечие закукулено и замумулено осмоодделенско „мудрување“ за тоа „што би било кога (не) би било“ или, како уште пострашна варијанта, онаа бајка за бесплатниот хотел и паркингот? Не знам дали денес на светов остана нешто бесплатно, па нека е и камче, ама цел хотел? И баш во него ние не сакаме да влеземе и малку да одмориме по овие три децении беспаќе низ Европава? И тоа онака, бесплатно и со all inclusive? Ако е навистина така, тогаш ние сме најглупавиот, најмалоумниот, најпростиот народ на светов и веков! Тоа ли сака да ни каже оваа власт, сосе нејзинине „сервисери“? Ама, така ли е, навистина?
И меѓу првите што ви паѓаат на ум е Обединетото кралство. Зошто, побогу, така лесно се откажаа од уживањата во бесплатниот хотел? Или тие се дури и поглупави од нас? Не би рекол, а впрочем не се остварија ни оние катаклизмични предвидувања за крах на економијата, за криза ваква или онаква… Вистина, имаше турбуленции во првите месеци, ама и тоа чудо помина. Ќе се вратат ли во ЕУ? Можеби, некогаш, кога тоа „среќно семејство“ внатрешно ќе се санира, пред сѐ демократски, а потоа и со почитувањето на елементарните човекови права и слободи. Зашто, вакво политичко силеџиство светот одамна не видел! Но отсуството на демократијата во ЕУ и непочитувањето на туѓите човекови права се само еден сегмент, иако можеби најважен и, го сакале ние тоа или не, е јасно отсликан во македонскиот евроскептицизам искажан во последните анкети.
Бидејќи (не само) македонскиот граѓанин е фрапиран – и фрустриран! – од недемократскиот однос на Европа кон Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. И од некултурата, нетолерантноста, нерамноправноста на сите во „семејството“, агресивноста и тенденциозноста на нејзините лидери ала Вархеи. Европа е можеби лулка на демократијата, но не оваа Европа и не овие европејци. „Убиството“ на европскиот дух во Македонија се практикува(ше) во континуитет веќе три децении, од наметнувањето на онаа глупава референца ФИРОМ, преку „спорот“ за името, сега „спорот“ за територијата, културата и јазикот итн. Утре – којзнае што ново ќе ни измислат!
Затоа, констатацијата на г-динот Гаши, иако некако „изнудена“ и прилагодена на мигот, е извонредно значајна. Прво како пандан на онаа ступидна закана на Таравари, а потоа и како отворена „исповед“ на еден политичар. Но покрај нашиве активни политикантски актери, самата Европа односно нејзиниот ЕУ дел сепак има главна ролја, или удел, како сакате, во оваа фарса викана македонски пат кон ЕУ. Нејзиното демократско самоубиство трае долго и станува сѐ поочигледно, а како „ефект на пеперутката“ предизвикува убиство на помалите и послабите во неа. Согледано историски, ни тоа не е нешто ново, но ние не учиме од историјата, нели?
Да се однесуваше ЕУ вака при секое проширување, „семејството“ одамна ќе го немаше. Инаку, приказните за мали деца за голем пазар, за нови перспективи, за поголем БДП…, се сепак само приказни. Ене го светот, отворен и огромен пазар, но што ние би пласирале таму? Кои конкурентни производи и со каков квалитет? Она малку што го имаме поминува и сега, без оглед дали сме членка на ЕУ или не! Оние способни и образовани и сега мазно влегуваат и работат во европските фирми. Што е тогаш проблемот?
Хотелот „Европа“ е само замена на теза, фантазмагорично бладање на нашиве министерчиња и локалниве абоненти, спакувано во светликав целофан на лажни ветувања, а како супститут на целосниот крах на сите владини политики последниве петнаесетина години. Поточно, сѐ што македонскиве провинциски „елити“ не знаеа, не умееа, не сакаа – да, долго време токму тие беа главната сопирачка во процесот! – да направат на нашиот пат кон ЕУ, сега ни го нудат како иден бесплатен хотел полн со подароци. Подароци што ќе ни ги донесе некој друг, односно самата ЕУ, божем по некој автоматизам или заради тоа што толку многу нѐ сакаат.
Извор: Теодосиевски уметност