ХОСПИТАЛИЗИРАНА КРИСТИНА АПЛГЕЈТ Ѕвездата од „Брачни води“ со години се бори со мултиплекс склероза
Познатата холивудска актерка Кристина Аплгејт повторно е во центарот на вниманието поради загрижувачки вести за нејзиното здравје.
Кристина Аплгејт наводно е хоспитализирана во Лос Анџелес, објави TMZ, што повторно ги загрижи нејзините обожаватели ширум светот.
54-годишната позната актерка, која со години се бори со мултиплекс склероза, била примена во болница кон крајот на март, но сè уште не е познато дали нејзината здравствена состојба е поврзана со оваа дијагноза.
Нејзиниот претставник не сакал да ги потврди или негира информациите за хоспитализацијата, изјавувајќи за Page Six дека нема коментар за нејзината моментална здравствена состојба или можните терапии. Сепак, нагласил дека Аплгејт долго време се бори со сложени здравствени проблеми, за кои јавно зборуваше, како во своите мемоари, така и преку подкаст.
Актерката е позната по својата искреност кога станува збор за нејзината болест, а уште во февруари откри дека поголемиот дел од времето го поминува во кревет поради хронична болка. И покрај ова, таа се обидува да одржува нормален живот, особено кога станува збор за нејзината 15-годишна ќерка Сејди.
Во емотивно интервју за списанието People, таа призна колку ѝ значат секојдневните моменти со нејзината ќерка.
– Најмногу сакам да ја возам до училиште. Тоа е единственото време што го имаме сами – рече таа.
Таа исто така додаде дека често си вели да издржи додека не ја одвезе безбедно во школо, за потоа да може да си оди дома и повторно да си легне поради болките.
Еплгејт ја има ќерката со холандскиот музичар Мартин Ленобл, со кого е во брак од 2013 година.
Таа ѝ ја откри својата дијагноза за мултиплекс склероза на јавноста во август 2021 година преку социјалните медиуми, во емотивна објава што одекна во медиумите во тоа време.
– Беше чудно и тешко патување, но имав голема поддршка од луѓе кои исто така минуваат низ истото – напиша таа во тоа време.
Публиката најмногу ја памети по улогата на бунтовната Кели Банди во култната серија „Брачни води“, која ѝ донесе светска слава кон крајот на 80-тите и 90-тите години.
Неодамна ги објави и мемоарите „You With the Sad Eyes“, во кои се осврнува на својата долгогодишна кариера во Холивуд, но исто така отворено зборува за предизвиците на животот со мултиплекс склероза.