ХОШИНО САН, СУШИ-ШЕФ ОД ТОКИО КОЈ ЗБОРУВА ТУРСКИ ЈАЗИК, А ОБОЖАВА МАКЕДОНСКИ МЕД Перфекционист кој ги обучува сите готвачи на синџирот ресторани „Сушико“
„Ту мач соја сос, мејкс д харт гоу бам-бам, енд ју гоу бај-бај“, ни објасни сликовито нашиот соговорник Јутака Хошино, покажувајќи ни како правилно се јаде суши. Тој е суши-шеф во синџирот на ресторани од брендот СушиКо кој во Скопје доаѓа еднаш до двапати годишно. Првото што го прави тука е купувањето на македонски мед за кој смета дека е најдобар на светот и тоа не само поради филмот „Ханиленд“, туку затоа што и самиот го пробал.
Јутака Хошино го запознавме на промоцијата на вината кои за македонскиот пазар ги увезува компанијата Алхемист, во новоотворениот ресторан Сушико Зен во Дајмонд Мол. Таму имавме можност овие вина да ги дегустираме во комбинација со деликатесите подготвени од ресторанот, поточно, од кулинарската екипа предводена од Хошино Сан, суши-шеф од Токио кај кој се обучуваат сите готвачи од двата скопски ресторани од ланецот ресторани на Сушико, но и од сите други што постојат низ светот.
Благодарение на тоа што на настанот бевме во друштво со нашата пријателка Кјоко, инаку, негова сонародничка, која е готвачка во јапонската амбасада во Македонија, многу лесно се договоривме да се сретнеме со него во ресторанот Сушико во Дебар Маало и да ја слушнеме неговата приказна.
Роден е во Токио пред 64 години и таму го научил занаетот. Работел во Лондон кога ја добил понудата за работа во Турција и бил учесник во формирањето на еден од првите јапонски ресторани во Истанбул, првиот од ланецот ресторани „Сушико“. Таму е веќе 25 години, несебично споделувајќи го сето свое знаење и искуство и претставувајќи ја и промовирајќи ја јапонската култура и кујна.
Целиот текст прочитајте го на „Арт кујна“.