Актерката Ребел Вилсон (40), која го привлекува вниманието во последните неколку месеци со неверојатна трансформација на изгледот, откри дека била жртва на вооружено киднапирање во Африка, пишуваат странските медиуми. Таа и уште неколку жени биле киднапирани од непозната група мажи.
– Ме киднапираа еднаш во Африка. Тоа беше во рурален дел од Мозамбик. Неколку жени и јас се возевме со камион кога луѓето дојдоа кај нас со друг камион полн со оружје. Застанаа покрај нас со големи пушки и ни наредија веднаш да излеземе од нашето возило – рекла Ребел.
Во текот на ноќта ги чувале во куќата во која биле однесени.
– Нè одведоа во една затскриена куќа. Сфатив дека добро се справувам во кризни ситуации. Се однесував како водач на тимот. Кога нè оставија сами, им реков на другите девојки да се држиме за раце бидејќи се плашев дека во текот на ноќта може да земат некоја од девојките и да направат којзнае што – раскажала актерката.
Никој не беше повреден, а девојките биле ослободени следното утро. Актерката верува дека тие го користеле нивниот камион за да прошверцуваат илегални супстанции преку границата.
– Мажите дојдоа следниот ден и рекоа: „Вашиот камион е подготвен сега. Можете да одите“. Не поставувавме никакви прашања – рекла Ребел. Потоа се вратиле во камионот и ја напуштиле локацијата.