ХОЛАНЃАНИ, ВО АЛБАНИЈА РАЃАНИ!? Кои се можните нови сопственици на „Жан Митрев“
Доминантен сопственик на Клиничката болница „Жан Митрев“ во Скопје ќе биде бизнисменот од Албанија Клодијан Алајбеу, кого го следат контроверзи. За ова пишувала уште лани во ноември информативната агенција на албански јазик ИНА. Тогаш агенцијата објавила дека бизнисменот од Албанија ќе ги преземе сите кредити на клиниката „Жан Митрев“ и други обврски за плаќање.
Балкан aлајанс хелткер Б.В. (Balkan Alliance Healthcare BV), друштво основано согласно регулативата на Холандија, со седиште во ул. Стравинскилан бр. 1421, 1077ХХ Амстердам, Холандија, во рамките на својата инвестициона политика има намера да стапи во стратешко партнерство со Приватната здравствена установа – Клиничка болница „Жан Митрев“ – Скопје со седиште на ул. Бледски Договор бр. 8, 1000 Скопје преку стекнување на контрола со купување на мнозински удел, согласно одредбите од Законот за установите и Законот за здравствената заштита.
Оваа информација излезе во јавноста од Комисијата за заштита на конкуренцијата, а потоа беше потврдена и со соопштение од Клиниката „Жан Митрев“.
Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврдила дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање, како што се наведува, е „резервирана“, па Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата.
Според Клиниката „Жан Митрев“, во завршна фаза се финални преговори со стратешкиот партнер Балкан aлајанс хелткер Б.В., со што таа ќе прерасне во „вистински регионален центар за здравствени услуги со највисоки стандарди“.
Клиниката информира дека нејзиниот партнер Балкан алајенс хелкеар Б.В. е формирана во 2006 година од страна на повеќе европски и американски инвестициски фондови. Компанијата е предводена од Дејвид Лил Метјусон и Андреј Кристијан Крикливи, истакнати бизнисмени во делот на инвестициите во здравствениот сектор, телекомуникации, медиуми и финансии услуги.
„Во делот на здравствениот сектор имаат свои инвестиции во Албанија, Косово, каде поседуваат 6 медицински центри. Во планот за регионално проширување се: Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Турција и Романија. Вредноста на Фондот во моментов изнесува 320 милиони американски долари“, информира Клиниката во своето соопштение.
Претрагата на интернет-пребарувачите покажува дека доминантен сопственик на Клиничката болница „Жан Митрев“ во Скопје ќе биде бизнисменот од Албанија Клодијан Алајбеу, кого го следат контроверзи. За ова пишувала уште лани во ноември информативната агенција на албански јазик ИНА. Тогаш агенцијата објавила дека бизнисменот од Албанија ќе ги преземел сите кредити на клиниката „Жан Митрев“ и други обврски за плаќање.
Клодијан Алајбеу е роден 1978 година во Берат, Албанија, докторирал на Универзитетот во Тирана, а дипломирал кардиологија на Универзитетот во Анкара во Турција. Од 2006 година тој е коосновач и извршен директор на мрежата болници „Американ хоспитал“ во Тирана, Драч и Фиер во Албанија, како и две болници во Косово.
Американската болница е првата приватна болница во Албанија, основана во 2006 година. Во 2008 година компанијата беше купена од „Balkan Alliance Healthcare BV“, компанија регистрирана во Холандија, но контролирана од американски инвестициски фонд, специјализиран главно за инвестиции (приватен капитал) во малите и средни претпријатија.
Во 2018 година Американската болница се проширила со купување на албанската подружница на грчката болничка групација Хигеја (Hygeia), денес Меѓународна болница, пишуваат албанските медиуми.
Албанските медиуми во март годинава објавиле истражување под наслов „Маневрите на Алајбеу: Тој ја купува сопствената болница за 24 милиони евра, не е ли време да започне истрага за перење пари?“
„Бизнисменот Клодијан Алајбеу ќе биде новиот сопственик на Американската болница (во Тирана). Аквизицијата ќе се изврши преку стекнување контрола на единствениот акционер на Американската болница, холдинг-компанијата регистрирана во Холандија, Balkan Alliance Healthcare BV“, пишува Воксњуз.ал.