ХИРУРЗИТЕ И ИНТЕРНИСТИТЕ ДА РАБОТАТ И ДОПОЛНИТЕЛНО Таравари бара чаре како да се намалат листите на чекање на пациентите

Ќе инсистирам кој сака да може да работи дополнително, и хирурзи и интернисти да работат за да не чекаат пациентите... Хирурзите можат да оперираат и за викенд, рече Таравари и најави дека лекарите специјалисти од приватните здравствени установи ќе можат да се вработат во државните здравствени установи.

1,416

Повеќето пациенти се задоволни од лекарите кои работат во јавниот здравствен сектор, 60-70% од граѓаните се задоволни од лекарските услуги, рече министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес-конференција по повод 100 дена Влада.

– За жал, новинарите не прават вести од тие пациенти што се задоволни од лекарот, но, сепак, околу 20-30% не се задоволни, има разно-разни забелешки, некои оправдани, а некои неоправдани. Некој чека 5 минути и е нервозен, па и ние во банка понекогаш чекаме 10 минути, па не викаме – објасни министерот за здравство.






Сепак, вели тој, некои пациенти се жалат со право.

– Но, некои пациенти се жалат со право. Некогаш сме комуницирале со лекарите од кои се жалеле, сепак здравствениот систем постои заради пациентите. Но, ние треба да ги мотивираме и здравствените работници, да ги пофалиме, а не само да ги критикуваме. Ако од ист колега се жалат повеќе пациенти, ќе ги преземеме мерките кои може да ги преземе Министерството за здравство – додаде министерот.

Таравари говореше и за долгите листи на чекање за хируршки операции кои дополнително се влошени поради проблемот со компресорската станица на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

– Еден закон е поминат пред изборите, а тој дозволува кој каде сака да работи. Не сум против тоа лекарите да работат дополнително, ама во јавните здравствени установи, а не во приватните. Ќе инсистирам кој сака да може да работи дополнително, и хирурзи и интернисти да работат за да не чекаат пациентите… Хирурзите можат да оперираат и за викенд. Но, компресорските станици си го направија своето – изјави министерот за здравство.

Тој најави дека лекарите специјалисти од приватните здравствени установи ќе можат да се вработат во државните здравствени установи.

– Од август 2022 година имаше забрана (за лекарите) да не можат од приватни болници да се вработат во државни. Пред 3 недели го поништивме ова. Сега подготвуваме правилник во Министерството… Јас разговарав со 10 такви лекари, тоа се кадри што гледаат надеж во јавното здравство. Ова е добар чекор, се надевам дека идната година ќе продолжиме со такви доктори кои покажуваат интерес да се вратат во јавното здравство – изјави министерот.

Поврзани содржини