ХИМНАТА НА СДСМ СЕ СВИРЕЛА ПО ДРЖАВНАТА СВЕЧЕНОСТ Партијата си направила своја свеченост по државната церемонија
Партиската химна на СДСМ беше дел од партискиот настан кој започна во време на вклучувањето на националната Телевизија во живо, се наведува во реакцијата на СДСМ по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека се интонирала партиска химна на државен настан.
„Партискиот настан на СДСМ со кој членството на СДСМ оддаде почит кон големиот празник на кој почиваат антифашистичките државотворни идеи на земјата, програмски, суштински и временски се разликуваше од сите останати прослави организирани и од централната и од локалната власт. Впрочем, на самото видео објавено на опозициските портали се гледа дека станува збор за вклучување на една национална Телевизија во живо, повеќе од 30 минути од завршување на државната свеченост, кога во позадина се гледа дека веќе се демонтира поставената сцена. За жал нема никаква промена во ДПМНЕ, во Белиот дворец сѐ уште владее матрицата за ширење невистини, лаги и манипулации“, се наведува во реакцијата на СДСМ од каде бараат ВМРО-ДПМНЕ да им се извини на граѓаните за сквернавењето на 11 Октомври, државниот празник на којшто почива темелот на македонската државност.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Димитар Ковачевски дека го исквернавил празникот 11 Октомври, и дека наместо државната, Владата ја пуштила партиската химна, а 24 часа по настанот не се извинила за тој скандал.
„Најмалку што требаше да направи Ковачевски е да се извини и да има одговорност за настанот. Со самиот факт што нема извинување станува јасно дека власта всушност намерно ја пуштила партиската химна на СДС на државен настан. Претходно во текот на најавите за настанот на банерите пуштени од владата целосно беше изоставена Македонија. Оттука се поставува прашањето дали всушност намерно е пуштена партиската химна на СДС на државен настан? Од што се срами Ковачевски? Што е целта на сквернавењето? Очекуваме итно извинување од власта и одговорност. Партиски може да прават што сакаат, но со државни пари и како влада мора да ги почитуваат симболите на државата“, беше наведено во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.