Хидрата контра октоподот

Никако на ум не им паѓа дека овде, во изминатите осум години, токму кај тој народ изгубија секаква доверба – политичка, интелектуална, професионална, човечка, морална… Дека упропастија сѐ што можеше да се упропасти и искрадоа сѐ што можеше да се украде.

812

Повозрасните сигурно се сеќаваат на (наводно) беспоштедната борба контра октоподот, најавена од Црвенковски, тогашен лидер на СДСМ, во деведесетите години на минатиот век. Од борбата, нормално, не стана ништо – настрада само менаџерот на годината, „стручњакот“ Николовска, миленичка на Глигоров и тогашната власт. За многумина таквата разврска беше разбирлива: тешко е да се биеш со многуракиот октопод, особено во политиката односно во партијата на власт! Меѓувреме, октоподот порасна во многуглава партиска хидра.

Денес, од некогашната партија останаа само партали преобратени во секта, којашто најавува нова битка токму со тоа митолошко суштество – многуглавата хидра слична на онаа од езерото Лерна во Арголида, местото кадешто започнува Поземјето, или Адот. Некој ќе рече дека Подземјето, или Адот, започнуваат токму во домот на сектата, и – можеби ќе биде во право. Како и да е, историјата уште еднаш се повторува: државотворната секта се впушта во очајничка битка со многуглавиот мострум – сега поистоветен со САД и/или еу (малите букви се…) – за да ја спаси државата. Кој друг ако не они, разбира се.






Она што за јавноста останува непознато е кој ќе биде херојот кој ќе ја спаси државата проколната, или окупирана, како сакате, од една глава на таа хидра – вмровската власт? Ќе биде ли тоа „херојот“ Пендаровски кој го најавува многуглавиот монструм, или херојството ќе му го препушти на лекарот и неговиот Хераклов скалпел? Зашто, како што објаснува Пендаровски, „Првпат се случува двете глави, САД и ЕУ да бидат на различни страни и затоа ние како мала држава не смееме да бидеме за едниот против другиот.“ Поточно, ние да сме ти биле мала држава а не сме светска велесила, па „нас не ни личи да истрчуваме, да бидеме брзи и први да се позиционираме“ до една од главите на хидрата. Тоа треба да го препуштиме на некој од актуелните „херои“ на сектата – Пендаровски, Филипче, можеби онаа Каранфилова… или некој друг кој со силата на „лидер“ ќе ја порази хидрата. Или барем ќе ја отсече локалнава глава. Онаа главанта, „трансакциската“, не ќе може!

И сега, се разбира, јас би можел да продолжам во овој стил и да ја замајувам јавноста со неизмерливите глупости на Пендаровски или Филипче, со коекаквите идиотштини што оваа секта секојдневно ги лиферува, па дури се осмелува да ни укаже дека ние сега „не може ни да сонуваме“ за луксузната храна со „којашто се гоштеваат владините функционери“, зашто во нивното време, во времето на Заев, Ковачевски, Пендаровски, па и Филипче, тие умираа од глад за наше добро, за ние да се гоштеваме со папаја, манго и аспарагус, лососи, ракчиња, октоподи (не оној историскиот!), краби, бифтек… Кутрите тие, одвај имајќи пари да се прехранат, повторно за наше добро не си ги покачуваа ни платите туку растеа само платите на работниците и пензиите на пензионерите,!

Но, шегата настрана, нивниот многурак октопод сериозно остави многулава хидра којашто тероризира низ земјава со сета сила. Нејзините глави се појавуваат отсекаде и ги има насекаде, блујат оган небаре се змејови од „Играта на троновите“ а не само бедни морски суштества. По некоја скриена команда се појавуваат со исти теми и дилеми – сега „најубиствена“ им е т.н. новото нормално коешто станало ново ненормално – зашто во нивното време се беше под конец, народот спастрен, најаден и напиен, со огромните плати и минималните животни трошоци, незнаејќи што да прави со парите.

Како се појави оваа нова власт, а особено кога се здружи со оној трансакциски Трамп, сѐ во бајковитата држава се измеша, настана некаков „институционален хаос“ во земјата на редот и мирот, дојдоа времиња на многураки октоподи и многуглави морски монструми. Се скљока на колена секташката демократија, трансакцискион ја суспендира некогаш моќната парламентарна слобода и целосно ја поништи поделбата на власта. Не се знае ни кој пие ни кој плаќа – како во нивното време каде сѐ плаќаше народот – со земјата завладаа моќници и страховлада од друга партија. Сектата избега во дупката, онаа на Подземјето, односно Адот!

И повторно, во светот и кај нас, виновникот е веќе познат: едно време бил Горбачов, сега е Трамп. А кај нас, се знае: „Владата на ДПМНЕ продолжува да го покажува својот вистински карактер – расипничка, алчна и целосно одлепена од реалноста.  Додека илјадници семејства во Македонија едвај врзуваат крај со крај, додека платите не стигнуваат ни за основни намирници, владините функционери на Христијан Мицкоски се гоштеваат со луксузна храна за која обичниот граѓанин не може ни да сонува“, порачува Пендаровски. Оваа власт не била влада за граѓаните како нивната туку ова е власт што живее на грбот на народот. Тие, во нивно време, го носеа народот на својот грб! Оваа држава сега се претвори во некаков приватен ресторан, а тие сакаа да ја претворат во меѓународна менза. Народот е гладен – и не само за храна, туку и за правда – а тие, во нивното „златно време“, му делеа „капом и шаком“ сѐ што народот ќе посакаше. Особено „правда“. Со оние од Судскиот совет како една глава од хидрата!

Никако на ум не им паѓа дека овде, во изминатите осум години, токму кај тој народ изгубија секаква доверба – политичка, интелектуална, професионална, човечка, морална… Дека упропастија сѐ што можеше да се упропасти и искрадоа сѐ што можеше да се украде. И тоа токму низ/преку нивниот „институционален ред“ на хидрата наспроти овој трансакциски „хаос“, преку најголемите државни фирми, преку Владата, министерствата, двајцата генерални секретари на нивната „чесна“ Влада им се во затвор… Сакаат да заборават, или нас да нѐ убедат да заборавиме, дека токму тие и нивната интелектуална клиентела се новите глави на македонската хидра што сѐ уште роварат низ државава!

Заборавија, ако воопшто и знаеле, дека едната глава на меѓународната хидра, онаа викана еу, е во денешнава состојба токму заради истите причини како и кај нас. Дека нивните „либерални“ и „неолиберални“ идеи отидоа на ѓубриштето на историјата, се претворија во прав и пепел заради лажговци и криминалци како и нашиве. Дека ја извалкаа и самата идеја за некаква унија (малите букви се…), уште повеќе за некаква потенцијална демократија. Кога го слушате оној псеудосоцијалист Коста како продава демагогија за противењето на Унгарија на планот на еу за Украина дека „27 се сепак повеќе од 1“ ви доаѓа да се смеете од бес на грдотијата на таканаречената слаткоречива еу демократија!

Сите се прават дека заборавиле сѐ, но историјата и народот – не забораваат. Ние, но и историјата, нема да заборавиме дека не сме ние тие кои го „изедоа“ времето за членство во еу туку дека барабите и нивните приколки од сектата седум години по ред добиваа катастрофални годишни извештаи, дека беа прогласувани за хибриден режим, обвинувани за криминал и корупцијата на самиот врв во Европа, дека беа најголемите загадувачи во светот, дека нивното правосудство светот го гледаше како кривосудство од коешто не можеме да се ослободиме ни денес… Дека национализмот не е „парализирачка состојба на умот“ туку тоа е лажниот интелектуализам, криминалната демократија, коруптивниот евроцентризам, џебџиската надворешна политика и распродавањето на културата, идентитетот, јазикот… И дека токму таа состојба на нивниот ум ги врати во дупката кај Лерна, во Подземјето, каде што и припаѓаат!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини