ХЕЗБОЛАХ ТВРДИ ДЕКА МОСАД ГО ПОСТАВИЛА ЕКСПЛОЗИВОТ ВО ПЕЈЏЕРИТЕ Израел засега молчи
3.000 пејџери експлодирале кога им била испратена шифрирана порака, истовремено активирајќи го експлозивот.
Израелската разузнавачка агенција Мосад поставила експлозиви во 5.000 пејџери увезени од Хезболах пред детонациите, објавија светските медиуми.
Агенцијата Ројтерс цитираше висок либански извор дека израелската шпионска служба ги модифицирала уредите „за време на производството“.
– Мосад вметнал табла во направата која има експлозивен материјал и која ја прима шифрата. Многу е тешко да се открие на кој било начин. Дури и со кој било уред или скенер – вели изворот.
Се додава дека 3.000 пејџери експлодирале кога им била испратена шифрирана порака, истовремено активирајќи го експлозивот.
Друг безбедносен извор изјавил дека во новите пејџери – дојавувачи биле скриени до три грама експлозив и дека Хезболах „не го открил“ со месеци.
И Си-Ен-Ен смета дека зад нападот стои Израел, кој тврди дека тоа е заедничка акција на познатиот Мосад и израелската армија. Либанската влада соопшти дека ова е „криминална агресија на Израел“.
Израелската војска, која беше вклучена во нападите против Хезболах од почетокот на војната со палестинската милитантна група Хамас во Газа, поддржана од Иран минатата година, одби јавно да ги коментира наводите и самите експлозии.
Либанската вооружена група Хезболах соопшти дека смртоносните експлозии од страна на дојавувачите само ја зголемија нивната решеност да продолжат со операциите против Израел.
Ирак објави дека испраќа медицински тимови за помош на Либан, кој беше погоден од синхронизирани експлозии на пејџери, кои ги користеле членови на „Хезболах“. Владиниот портпарол Басем ал Авади ја нарече оваа акција „ционистички кибер напад“.
Ирачкиот премиер Мохамед Шија ас Судани нареди испраќање на медицински тимови во Либан, за да обезбедат итна помош за повредените цивили. Според владините изјави, „постојаните агресии од Израел и заканите за поширока војна бараат итна меѓународна интервенција“.
Министерот за образование на Либан, Абас Ах Халаби, повика сите училишта и универзитети во земјата да останат затворени во текот на денешниот ден како знак на протест против експлозиите на пејџери, кои ги нарече „злосторство извршено од израелскиот непријател“.
Пејџерите, кои се претходници на мобилните телефони, се користат од „Хезболах“ затоа што не можат да бидат искористени за лоцирање, што го отежнува нивното следење, посочува ДПА.
ЕКСПЛОДИРАА ПЕЈЏЕРИ НА ЧЛЕНОВИ НА ХЕЗБОЛАХ 8 се мртви, дури 2.750 се повредени