ХЕЗБОЛАХ ГИ ПРЕКИНА НАПАДИТЕ КАКО ДЕЛ ОД ПРИМИРЈЕТО МЕЃУ САД И ИРАН Израел продолжува со воените операции во јужен Либан

Либанската армија упати повик до цивилите да не се враќаат во селата и градовите во на јужен Либан, затоа што Израел сѐ уште тврди дека постигнатото примирје не се однесува на Либан.

174

Либанското движење Хезболах рано утринава ги прекина нападите врз северен Израел и израелските трупи во Либан како дел од примирјето меѓу САД и Иран – изјавија три извори блиски до групата, пренесени од британските медиуми.

Се очекува Хезболах набргу да издаде официјално соопштение во врска со својот став за прекинот на огнот.






Пакистанскиот премиер, кој беше клучен посредник меѓу Вашингтон и Техеран, синоќа објави дека прекинот на огнот во Иран ќе се однесува и на Либан. И покрај тоа Израел изутринава продолжи со воените операции во јужен Либан и издаде нова наредба за евакуација на еден град најавувајќи можни идни напади.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека двонеделното примирје меѓу САД и Иран не го вклучува Либан.

Поради овој став на Израел либанската армија упати повик до цивилите да не се враќаат во селата и градовите во на јужен Либан.

„Граѓаните да се воздржат од враќање во јужните села и градови и да не се приближуваат до областите каде што напредувале израелските окупаторски сили, со цел да се зачува нивната безбедност, особено затоа што можат да ги изложат своите животи на опасност од тековните израелски напади“, објави Командата на либанската армија.

Командата, исто така ги повика жителите да ги почитуваат упатствата на распоредените воени единици и да бидат внимателни со неексплодираните убојни средства и сомнителните предмети што останале од израелската агресија, и да ги пријават во најблискиот воен центар или други безбедносни сили.

Поврзани содржини