📽 ХЕРОЈСКИ ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ КАЈ БЕЉАКОВЦЕ Се гасеше и со голи раце откако се стемни
Претходно на овој терен интервенираа и еден полициски хеликоптер и ер-трактор, но откако се стемни тие беа принудени да ја прекинат операцијата.
Пожарникари од Ранковце и Куманово вечерва успеаја да го изгаснат пожарот кај Руѓенце и Бељаковце. Претходно на овој терен интервенираа и еден полициски хеликоптер и ер-трактор, но откако се стемни тие беа принудени да ја прекинат операцијата. Еден крак од пожарот беше активен и доцна во ноќта, но подоцна, благодарејќи на храбрите пожарникари од Ранковце и Куманово е изгаснат. Локализиран е и пожарот кај Ваксинце, во близина на резервоарите на Макпетрол, информира ЦУК.
Попладнево изби силен пожар во атарот на с. Руѓенце, Општина Старо Нагоричане, кој поради силниот ветер брзо се рашири, поради што пожарникарите ја изгубија почетната контрола врз него. Од пламенот беа зафатени и изгореа два објакти во селото Бељаковце.
Хеликоптерот на МВР, кој беше повикан да гасне пожарот во атарот на село Руѓенце, општина Старо Нагоричане, исфрлил повеќе од 20 тони вода.
„Денеска (05.09.2023) Одделот за воздухопловни единици на МВР по добиено барање од Центарот за управување со кризи за гасење на пожар во атар на село Руѓенце, општина Старо Нагоричане, го упати хеликоптерот Бел-212 и дејствуваше координирано со пожарникарите од Територијалната противпожарна единица, при што се локализирани неколку краци од пожарот кои се наближуваа до куќите. Хеликоптерот Бел-212 врз пожарот исфрли над 20 тони вода“ – соопшти МВР.