ХЕРОЈСКА СТРАЖА ЌЕ ГО ЧУВА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ „Гоце е Македонија и Гоце му припаѓа на светот“
Патриотскиот институт и целото раководство во пресрет на одбележување на родниот ден на македонскиот херој Гоце Делчев ќе организира херојска стража и ќе има целодневно присуство на гробот на Гоце Делчев, затоа што Гоце е Македонија, порача Александар Пандов од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска заседаваше Централниот комитет на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ и беа донесени повеќе заклучоци, вклучително и воведување херојска стража на гробот на револуционерот, рече Александар Пандов, прв човек на Институтот.
– Пред да ги прочитам заклучоците сакам да посочам дека Патриотскиот институт и целото раководство во пресрет на одбележување на родниот ден на македонскиот херој Гоце Делчев ќе организира херојска стража и ќе има целодневно присуство на гробот на Гоце Делчев, затоа што Гоце е Македонија. И ги повикуваме сите граѓани почитувачи на делото на Делчев да изразиме заедничка мирна и достоинствена почит кон великанот. Воедно ЦК на Патриотскиот институт донесе повеќе заклучоци. Прво, го осудуваме шовинизмот и негаторските политики кои доаѓаат од Бугарија и се дополнително распламтувани од поединци од бугарската политика. Второ, упатуваме отворен повик до владата за поенергично реагирање во однос на негаторската политика и преземање на адекватни мерки кои ќе обезбедат почитување на нашиот идентитет и посебност. Секоја негација кон постоењето на македонскиот народ и неговите обележја треба да бидат проследени со протесна нота и реакција на македонските институции. Државата постои за народот, а не народот за државата. Трето, наместо констатации, анализи и седење со вкрстени раце на државниот врв кој кажа дека провокациите се дело на агентурни мрежи, да се преземат чекори на власта кои ќе значат спречување на туѓи пропаганди и агенди. Четврто, Гоце е Македонија и Гоце припаѓа на светот. Упатуваме повик до македонскиот народ, македонската Влада и сите добронамерници за достоинствено поклонување на гробот на Македонецот Гоце Делчев – порача Пандов.