ХЕРОЈОТ ЈОВАН КОСТАДИНОВ ДОБИ СТИПЕНДИЈА ОД „АЛКАЛОИД“ Признание за неговата храброст и човечност

Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје се приклучи кон масовната акција за помош на настраданите во трагичниот пожар во Кочани, донирајќи 15 милиони денари преку Црвениот крст на Македонија.

267

Компанијата „Алкалоид“ му додели стипендија на Јован Костадинов во износ од 18.000 денари месечно во текот на следните 4 години.

Деветнаесетгодишниот Јован спаси 21 живот извлекувајќи ги лицата од опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани. Тој неколку дена беше хоспиталиизран на Клиниката за токсикологија поради вдишување чад. Кога излезе од болница, беше пречекан како херој во неговиот роден град Виница и во неговото училиште.






„Бев информиран дека ќе биде доделена стипендија за Јован Костадинов, како знак на признание за неговата храброст и човечност. ‘Алкалоид’, како општествено одговорна компанија, ја презеде оваа иницијатива и на тој начин покажа дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери. Благодарност до сите што помагаат во овие тешки моменти за државата и народот“, напиша вчера на својот профил на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски.

„Без размислување, со голема присебност и посветеност, тој направи нешто што малкумина би се осмелиле да го сторат“, додаде Мицкоски.

Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје се приклучи кон масовната акција за помош на настраданите во трагичниот пожар во Кочани, донирајќи 15 милиони денари преку Црвениот крст на Македонија. Оваа финансиска помош е наменета за поддршка на граѓаните погодени од несреќата и на нивните семејства.

„Со длабока почит кон сите што покажаа хуманост во овие тешки моменти, ја упатуваме нашата поддршка на настраданите. Веруваме дека солидарноста и заедничките напори се клучни во надминувањето на ваквите трагедии“, соопштија од компанијата.

Компанијата упати признание и до здравствените професионалци во земјава, регионот и Европа, кои безрезервно ги ставија на располагање своите ресурси и знаења во спасувањето на животите на повредените.

„Секој несебичен гест и секој вид на поддршка значат многу во вакви моменти. Искрено сочувствуваме со семејствата на жртвите и посакуваме брзо закрепнување на сите повредени“, истакнаа од „Алкалоид“.

Од 16 март, кога се случи трагедијата во Кочани, „Алкалоид“ во неколку наврати донираше медицински производи на здравствените установи во Македонија, во согласност со нивните потреби. „Алкалоид“ најави дека ќе продолжи да помага онаму каде што е најпотребно, во духот на својата традиција на општествена одговорност.

Поврзани содржини