Хендикепот викан култура

394

Којзнае колку пати сум пишувал за генералниот (и срамен!) македонски хендикеп да има високи државни функционери кои се ежат кога ќе го слушнат зборот култура, кои не прочитале ни две книги во животот а посетата на изложба или музеј им звучи како научна фантастика од типот „Приказни од Нарнија“, што пак понатаму се рефлектира на вкупното нивно однесување, на нивните „политики“, на нивниот „светоглед“. И не сум го пишувал тоа со идеја дека тоа некому нешто ќе му значи или нешто ќе се смени во државава на тој план.

Иако, можеби, потсвесно сум мислел дека сепак некој од нив конечно, ако не повеќе, барем ќе се консултира со поединци кои релативно подобро ја познаваат македонската култура и уметност од нив. Но тоа не е „стилот“ на македонскиве политиканти – тие мислат дека власта е нивна приватна бакалница и работа на нивен личен вкус и избор. Никој до денес не ме демантирал, за жал.






И на крај памет не ми паѓа, ниту пак имам причина да ги спорам последниве одликувања што ги доделува претседателот (малите букви се реален одраз на неговите познавања на културата) на државата како највисоки признанија наречени Орден за заслуги за Република Северна Македонија. Но, но: меѓу седуммината одликувани, пет се личности од театарот, една писателка и еден музичар!

Минатиот пат (повторно) тоа беа „К15“ и уште три актери, претходно „Леб и сол“ итн. Можеме, се разбира, да одиме уште поназад, но одново станува збор за музика (народна или забавна), театар…, тук-таму некој писател…

И кога тие одликувања навистина би биле лична работа на највисоките функцинери, дури и тогаш некој би прашал: па зарем во оваа „нова“ современа македонска култура, градена (нека биде) од 1991 година наваму, постојат само музика и театар? И дали личните интелектуални хендикепи и ограничувања на поединци, без оглед на „височината“ на политичката функција, треба да бидат и хендикеп за целата држава и на тој начин да биде третирана македонската култура? И дали во таа, или оваа, македонска култура, освен театарот и музиката, нема и ликовна уметност, архитектура, поезија, литература, фотографија, филм, заштита на културното наследство, уметничка критика, историја на уметноста и културата…?

Нема ли навистина (и) во овие области творец достоен за некакво државно признание или тие поединци зависат од „широчината“ на познавањата на функционерите и нивните партиски комисии? Кога сега, овде, би почнал да ги редам сите доајени во спомнатите области кои незаслужено останале без какво и да е признание за нивното творештво, би испишал цела уметничка енциклопедија на заборавени творци! Нели му е малку срам на претседателот на државата за тоа? Па и на претходните претседатели?

Некој ќе рече дека ваквата некултурна клима во државава не е од вчера и не е октроирана само и единствено од актуелниве – и претходните – политиканти. И тоа е точно. Ваквиот понижувачки однос кон македонската култура и уметност прва го започна „славната“ Македонска академија на науките и уметностите со нејзината уште „пославна“ Македонска енциклопедија. Тој кусоглед и тесноглед монструм направи вистински масакр низ македонската култура и уметност, сервирајќи ѝ на јавноста едно ненаучно, дилетантско и во основа провинциско издание коешто само и единствено го презентираше незнаењето и суетата на неговите составувачи а не очекуваниот научен поглед на македонската култура и уметност.

Но, не сакам да кажам дека нашиве актуелни политиканти го знаат тој факт, уште помалку дека ја виделе или – не дај боже – прелистале таа „Енциклопедија“. Не, тие со тоа не се занимаваат. Но сакам да кажам дека односот на оваа држава кон културата, генерално, е на страотно ниско рамниште небаре станува збор за ланскиот снег. Одликувањата од спомнатиот вид тоа никако не го менуваат. Напротив, само го потврдуваат!

И не мислам дека таквиот тип државни одликувања му се толку битни на македонскиот уметник. Особено не дадени на ваков политикантски начин. Но секому, па и на уметникот, му е битно признанието на општеството за неговиот труд, квалитет, достигнувања… Многумина добиваат признанија вон својата земја, но дома – никако. Не само што државата не ги гледа, туку не ги ни спомнува. Никој повеќе не реагира ни на срамниот начин на делење на државниот буџет за културата, каде што веќе не можете да препознаете што е квалитет а што скандалозен аматеризам, што е уметност а што кич итн.

Културата веќе со децении ја нема во медиумите на очекувано, професионално ниво, коешто би ја направило неопходната дистинкција. Но затоа секоја шушумига се самопрогласува за уметник, инфлуенсер, писател… Една телевизија пропагира „скулптури“ од лејки како непроценлива вредност за македонската уметност и култура, естрадата и т.н. шоу бизнис се наметнуваат како приоритетен, незаменлив дел од нашето секојдневие додека врвните уметнички дострели остануваат анонимни. Кога последен пат некој ги спомнал Петар Мазев, Петар Хаџи Бошков, Петре М. Андреевски, Симон Трпчевски, Борис Чипан, Живко Јаневски, Душан Перчинков, Мето Јовановски, Петре Прличко, Ордан Петлевски, Ѓорѓи Константиновски, Јордан Грабул, Катица Ќулавкова, Богомил Ѓузел, Ристо Лазаров,  Венко Андоновски, Михаил Петрушевски, Христо Илиевски,  Кирил Ценевски, Ѓорѓи Василевски, Благоја Куновски, Борис Петковски, Соња Абаџиева Димитрова, Петар Миљковиќ Пепек…?

Дотаму ли дојдовме и културата и уметноста, како политиката, да ги претвориме во „бувљак“ каде се продава и препродава она парче колоквијално нарекувано општествена надградба?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини