ХЕМИНГВЕЈ ВО ПАРИЗ Легендарниот писател за животот во градот на љубовта

Ако патувате во градот наречен „подвижен празник“, не опропуштајте да посетите едно од кафулињата „Les Deux Magots“, „Café de Flore“, „La Closerie des Lilas“, каде што е напишан романот „Сонцето повторно изгрева“, најпознатото дело на Хемингвеј.

881

Стилот на пишување на нобеловецот Ернест Хемингвеј остави силна трага на книжевноста од 20 век, а неговиот бурен, авантуристички живот и денес е интересен за многу генерации.

Напишал повеќе романи и збирки раскази, а се занимавал и со документарна литература. Се женел четири пати и добил три сина. Се борел во Првата светска војна. Работел како новинар дописник во текот на Шпанската граѓанска војна. Бил присутен во текот на пристигнувањето на американските трупи во Нормандија. Одел на сафари во Африка, каде што за малку и не загинал во една од двете последователни авионски несреќи.






Живеел во Флорида и Куба, за на крајот да изврши самоубиство во својата куќа во Кечам, во државата Ајдахао, во 1961 година.

Меѓутоа, според записите од неговите мемоари „Подвижна гозба“, животот во Париз оставил најдлабока, најубава трага во неговиот живот.

Во првата половина на минатиот век, Париз претставувал центар на светската култура и одлично место за живеење. Писатели, новинари, актери, сликари, музичари, танчари, го опседнувале овој град и ја истакнувале својата креативност и боемскиот начин на живот. Меѓу нив, бил и тогаш 22 годишниот Ернест, кој со својата прва сопруга Хедли отишол таму за да го унапреди својот книжевен стил.

Многу брзо ќе се покаже дека тоа бил добар потег. Висок, згоден, со широки рамена, кафеави очи и пријатен глас, оставал позитивен впечаток кај своите современици. Ментор му била Гердруда Штајн, која тогаш ја нарекувале „бастион на модернизмот во Париз“ и која несомнено многу му помогнала да го подобри своето пишување и да се здружи со различни влијателни луѓе од тоа време. Хемингвеј ги запознал Френсис Скот и Зелда Фицџералд, Пабло Пикасо, Жоан Миро, Хуан Грис, а неретко по кафеаните се опивал со Џејмс Џојс.

Во книжарницата „Shakespeare & Co“, во која поминувал многу време, го запознал поетот Езра Паунд, со кој остварил искрено пријателство и ја посетувале Италија.

Ернест живеел на повеќе париски локации. Својот прв стан го изнајмил во зграда на улицата кардинал Лемуан број 74, во латинскиот кварт, во кој на третиот кат живеел со Хедли од 1922 до 1923 година. Воедно во соседството, во улицата Декарт број 39, на четвртиот кат на многу тесна висока зграда, изнајмил соба во која пишувал од 1921 до 1925 година. Иако зградата надворешно и внатрешно е реновирана, останале старите, дрвени скалила од тоа време кои шкрипат на секој чекор. Не е случајно што Хемингвеј работел токму во оваа зграда. Во неа некогаш живеел и починал францускиот поет пол Верлен, па Ернест верувал дека можеби од таа причина ќе добие креативна инспирација.

Денес, од левата и од десната страна на таа зграда се наоѓаат многу кафулиња кои служат вкусно кафе и еклери, и кои се полни до многу фотографии, како на Хемингвеј, така и на разни француски и светски ликови на културната елита. Зградите и денес се станбени и не се достапни за туристи, а на надворешната страна имаат плочи за некогашниот живот на познатите писатели во нив.

Во текот на првите 20 месеци од својот живот во овој град, Хемингвеј напишал 88 приказни за весникот „Торонто стар“. Пишувал и за грчко-турската војна и статии за риболов. Неговиот прв роман „Сонцето повторно изгрева“, кој многу читатели го сметаа за негово најдобро дело, објавен е во 1926 година. Во него го популаризирал терминот „изгубената генерација“, која опфаќа многу имиња на тогашните поствоени светски уметници, опишувајќи ги како силни и отпорни. Овој роман го пишувал во париските кафулиња „Les Deux Magots“, „Café de Flore“, „La Closerie des Lilas“ и други. Денес, на внатрешните ѕидови на тие локали изложени се фотографии на Хемингвеј, додека келнерите нудат многу видови кафе и колачи. Посетеноста е огромна, иако цените се изразено високи затоа што овие локали се наоѓаат на ексклузивни париски локации.

Хемингвеј со синот Џек (Париз)

 

Хемингвеј го обожавал Париз. Ги сакал луѓето кои се шетаат по неговите улици кои мирисаат на кроасани и сирење. Секое место му давало инспирација нешто да напише. Едвај го поднел селењето за Торонто, каде со Хедли го добил синот Џек. Ернест го сметал Торонто за здодевен град и се вратил во Париз следната година. Бидејќи кариерата му цветала, се оддалечил од Гертруда, сега веќе и кума на неговиот син, и нивната врска се претворила во литературна караница која ќе трае со децении. Со Хедли се развел во 1927 година кога дознала за неговата афера со модната новинарка Паулин Фајфер, со која истата година се оженил. Со неа се преселил на Флорида, во местото Ки Вест и од тогаш никогаш повеќе не живеел во голем град.

Хемингвеј го нарекол Париз „подвижен празник“, име кое го даде и на своите мемоари кои ги објавила неговата четврта сопруга Мери, три години после неговата смрт.

„Ако сте имале среќа да живеете во Париз како млад човек, тогаш каде и да одите во текот на својот живот, тој останува со вас, затоа што Париз е подвижен празник“.

 

Поврзани содржини