Хелсиншки комитету, кај сте до сега да реагирате на неброените изјави на омраза и нетрпеливост кон Македонецот?
Мене ли ми калемите дека ширам омраза, кажувајќи го тоа што вие премолчувате да го кажете, со зачепени усти? Напаѓајќи ме мене, вие само ги силите сејачите на омразата, поделбата, криминалот... против сѐ што јас се бунтувам и го изнесувам пред јавноста.
Хелсиншки комитет? И тоа за човекови права? Зар вие сѐ уште постоите? Ви се извинувам што со моето писание ве разбудив од длабокиот сон…
Ако ве разбудив или некој ве подбуцна да се огласите, ако сте управувани и зависни од истите оние Македонци – властодршци кои ги уништија човековите права на сопствениот македонски народ, кој како сирак остана незаштитен и од вас, и од како вас – бројните невладини организации залепени до власта, засрамете се!
Мене ли ме најдовте да бидам ваша „жртвена коза“ и со мене да го покриете и оправдате вашето лежилебарство?
Кај сте до сега да реагирате на неброените колумни, изјави, закани, урлања… пишувани од кој стигнал, од кои блика омраза и нетрпеливост спрема Македонецот, македонскиот јазик?
Или за обезличувањето и гнасното игнорирање на Македонецот, на кого во неговата сопствена држава му е одземено човековото правото за самоопределување?
Мене ли ми калемите дека ширам омраза, кажувајќи го тоа што вие премолчувате да го кажете, со зачепени усти?
Јас реагирам… Како човек реагирам – наместо вас, платените за тоа!
Сега, кога ја отворивте темата за моето однесување и писание во колумната „Што ги чека Албанците?“ објавена во интернет-порталот Плусинфо на ден 21.08.2022 г., да ви кажам:
Веднаш да турите клуч на вашата голема фирма, за да го заштитите од брука големото име кое недостоинствено го носите! Напаѓајќи ме мене, вие само ги силите сејачите на омразата, поделбата, криминалот… против сѐ што јас се бунтувам и го изнесувам пред јавноста.
Имам право на тоа!
Мојот навод во колумната е само парафразирање и критика, меѓу другото и на дел од текстот на колумнистот (чие име нема да го споменам), објавена на ден 04.08.2022 г., на интернет-порталот на албански јазик „Шења“, а преземен на повеќе портали на македонски јазик, под наслов: „Народ што питачи за распаѓање“, каде е наведено дека:
„…Македонија е проколната земја… Сега и по 32 години таа изгледа како дете родено со физички и психички недостатоци. Македонија дефинитивно не го оправдува своето постоење…“.
Тоа не се мои зборови!!! Не се мои зборови, туку негови, како и оние кои јас ги парафразирав во мојата колумна, а за кои – дрндрндрн… – ме обвинувате дека се мои, а кои гласат:
„Мора сериозно да размислиме дали ќе продолжиме да губиме време и луѓе со овој расипан ментален код“, односно авторот се прашува дали Албанците да продолжат со Македонците, кои имаат расипан ментален код…
Кого вие го осудивте за тие зборови? Ми замеривте мене, што наместо вас ги осудив и оние кои пишуваа за поделба на Македонија, за отцепување на нејзиниот западен дел и за приклучување на Албанија. Или, што се побунив на колумната на едикојси професор на факултет кој воспитува млади… што бесрамникот пишуваше дека историјата на Македонците започнува од времето на фудбалерот Д.П.? Или, за урлачите кои го исвиркаа македонскиот јазик. И да не набројувам веќе…
Вашето полтронство, недораснатост и срам, што сте присутни во тој Комитет, како жива штета за македонската држава и за македонскиот народ, на мене ли ги истуривте и со мене си ги плакнете? Или сакате да го плашите народот кој е приклештен од сите страни, а вас мува не ве лази? Да ќути – да не зборува и да не се буни против многуте и таквите како вас?
Коригирајте се себе во вашето работење, ако можете. Јас лично одговарам за сѐ што зборувам и пишувам. Секогаш тоа го чинам со аргумент и му се обраќам на паметниот македонски народ, кој вие го потценувате. Мојот народ правилно ја сфаќа смислата на мојот збор.
Јас сум независна личност. Непросветлени и заробени ѕвезди како вас, кои со години егзистираат како „голема фирма, бедно положение“ – не ме интересираат!
ОДГОВОР ОД РЕДАКЦИЈАТА
Кога ја прифативме понудата на госпоѓата Јагнула Куновска да пишува колумни за нашиот портал Плусинфо, уредништвото беше свесно за фактот дека со неа секогаш не споделува ист светоглед и исти политички ставови. Така било и во минатото, така е и сега.
Во оваа смисла, Куновска не е исклучок – многу добро се знае дека Плусинфо објавува и текстови на други колумнисти, со ставови кои уредништвото не ги споделува, но во волтеровски манир прави се тие да допрат до јавноста. Редакцијата многу често трпи критики од свои читатели и од разни други страни за таа своја пракса, но опстојуваме, бидејќи сме убедени дека нема друг начин да се соочат различните светогледи и политички ставови, дури и оние најесктермните, без директно и „рицарско“ соочување.
И реакцијата на Хелсиншкиот комитет за полемичната колумна на Јагнула Куновска ја објавивме во целост и без коментар, иако бевме зачудени од фактот што Комитетот ги игноира ставовите и јазикот во една друга колумна, објавена во друг медиум, со која, всушност, полемизира колумнистката Куновска.
Како и да е, сакам јасно да ставам до знаење дека Плусинфо сите колумнисти ги третира како независни личности, исто како што и Хелсиншкиот комитет го доживува како независен ентитет, со независни ставови за политиката. Во тоа име, го повикуваме Комитетот доследно да ја почитува и независноста на уредувачката политика на нашиот портал.
Согласно воспоставената европски стандарди на практикување на слободата на изразување, кои дозволуваат и претерана критика, Плусинфо настојува и успева да обезбеди присуство на најразлични, често и дијаметрално спротивни погледи и ставови, за да ја одрази целината на политичката јавна дебата, во која, се разбира, неретко се присутни и „повисоки“ тонови и „потврд“ јазик. Обраќањето на Хелсиншкиот комитет до јавноста и повикот за еден поинаков и „повнимателен“ однос на уредништвото на Плусинфо, го доживеавме како повик за цензура и за автоцензура, кој секако кај нас нема да помине.
Истовремено, ги повикуваме Хелсиншкиот комитет и сите други организации, институции и поединци, доколку оценат дека во колумните или во други написи на овој портал има говор на омраза, да реагираат на соодветен начин, во институциите за кривичен прогон. Говорот на омраза е кривично дело. Како и лажното пријавување. А наскоро кривично дело ќе биде и – цензурата.
Бранко Героски,
раководител на проектот Плусинфо