ХЕЦ Чебрен, се гледа ли почеток на изградбата?
Владата веќе се изјасни дека првите британски пари ќе се користат за железничката инфраструктура и инвестиции во здравството. А хидроелектричната централа (ХЕЦ) Чебрен кога?
Деновиве топ тема во јавните медиуми е веста дека е постигната согласност за договор за стратешко партнерство на Република Македонија (РМ) со Обединетото Кралство (ОК). Тоа ќе овозможи силна економска соработка меѓу двете влади со инвестициски циклус од околу шест милијарди евра во инфраструктурата, здравството, енергетиката и така натаму. Деталите околу заемот уште не се познати, но навестени се поволни услови: ниска каматна стапка, долг рок на отплата, грејс период итн.
Според соопштенија од Владата, првите пари што ќе бидат повлечени од заемот ќе бидат употребени во инвестиции за изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството: завршување на проектот на клиничката болница во Штип, болница во Кичево и реконструкција на болницата во Тетово.
Овие денови се огласи и Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во врска со донесување на новиот закон за енергетика, а кратко се осврна и на изградбата на хидроелектричната централа (ХЕЦ) Чебрен. Таа истакна дека сакаме тоа да биде македонски државен проект, дека најубаво е како држава сами да го изградиме, но се работи за проект кој ќе чини најмалку една милијарда евра што не е мала ставка … Министерката нагласи дека уште во декември е формирана работна група за Чебрен под координација на Министерството која веќе имала неколку состаноци. Се разгледуваат варијанти дали да се гради еден (голем) Чебрен со голема висина на браната или Чебрен и Галиште во каскада, колку ќе чинат инвестициите итн. Имам слушнато и за варијанта со каскада од три хидроцентрали: Скочивир, Чебрен и Галиште.
Јас ги поврзувам горниве вести: 1) од една страна можност за голем заем од ОК со поволни услови и 2) од друга страна потребата од голема сума пари за изградба на ХЕЦ Чебрен.
Владата веќе се изјасни дека првите британски пари ќе се користат за железничката инфраструктура и инвестиции во здравството. А хидроелектричната централа (ХЕЦ) Чебрен кога? Поминаа над 60 години од првиот предлог за овој проект. Значи може еден дел да се намени и за проектот Чебрен. Исто така, треба да се бара поддршка и од меѓународни финансиски институции кои даваат поволни кредити за зелени инвестиции како што се хидроелектричните централи.
Би сакал да укажам дека за големите градежни инвестиции изведени во последниве две децении во РМ, како што се неколку автопатишта, беа поставени тендерски услови кои не можеа да бидат исполнети од нашите домашни компании. Апелирам до Владата на РМ при распишување на тендери за големи градежни објекти да постави услови што ќе може да бидат исполнети и од наши домашни фирми, а не тие да бидат вклучени како подизведувачи како што е денес. Да напомнам дека во далечното минато пред многу децении беа изградени голем број брани и хидроелектрични централи од нашите градежни фирми. Да споменам само неколку: хидроенергетскиот систем Маврово со трите хидроелектрични централи Вруток, Равен и Врбен, хидроцентралите на реките Црн Дрим, Црна Река, Треска и др. кои работат и денес без проблеми.
Подолу е прикажана слика на споменик во чест на 52 загинати градители кои работеа на хидроенергетскиот систем Маврово во 1956 година. Тие загинаа од снежна лавина која затрупа бунгалови во кои беа сместени.
Ако можеле македонски фирми успешно да градат брани и хидроцентрали пред 70 години, можат и денес.
Јас сум повеќе упатен во термотехника и термоенергетика, а не во хидроенергетика, но длабоко сум свесен за големата важност на проектот Чебрен и за електро-енергетскиот систем на РМ и за водоснабдувањето на огромен дел од територијата на државата.
Како и многу пати во минатото и сега сугерирам да престанеме да бараме странски инвеститор (сопственик) за системот Чебрен. Сакам да ја охрабрам министерката за енергетика Сања Божиновска да опстои на нејзината изјава “… сакаме тоа да биде македонски државен проект, дека најубаво е како држава сами да го изградиме“.