Претседателот на Косово, Хашим Тачи, најави дека нема да се кандидира за втор мандат и оти по завршувањето на мандатот ќе се повлече од политиката.
-Одлучив, нема да бидам кандидат за претседател во следниот мандат. Две децении се доволни на чело на институциите на земјата, мислам дека има енергија, волја и нови луѓе кои ќе можат да го реализираат последниот процес, по слободата и независноста, членството во НАТО и ЕУ – изјави Тачи во интервју за албанската телевизија Ора њуз.
Посочи дека Косово е на вистинскиот пат и никој нема да може да го поткопа ова стратешко патување на земјата во блиска иднина да биде дел од НАТО и ЕУ.
– Ова патување не треба да се персонализира со Хашим Тачи, туку со вредности и стандарди на кои ќе работиме во иднина. Мислам да почнам нов живот. Од моја страна во тоа сум категоричен. Не можам да дочекам да дојде февруари и да се ослободам од институционалната, политичката и јавната облека. Не дека сум уморен, туку со најголема волја – додаде Тачи.
За шеф на косовската држава Тачи беше избран во февруари 2016 година,така што мандатот му завршува во февруари следната година.