ХАРТИЕНА ИЛИ ДИГИТАЛНА ШТЕДНА КНИШКА? Банките итаат кон новите технологии, граѓаните ѝ веруваат на хартијата
Хартиената штедна книшка, велат, банките и покрај дигитализацијата на сите производи, ќе остане уште некое време, бидејќи тие ги почитуваат барањата на клиентите.
Дали хартиените штедни книшки ќе заминат во историјата со брзата дигитализацијата на банкарското работење и понуда за клиентите? Пандемијата со ковид-19 го засили размислувањето сите банкарски производи да се реализираат дигитално без одење на шалтер. Дополнително со исфрлањето на хартиените форми на работа, банките воедно заштедуваат на печатењето.
Хартиената штедна книшка, велат, банките и покрај дигитализацијата на сите производи, ќе остане уште некое време, бидејќи тие ги почитуваат барањата на клиентите. Дел од нивните клиенти сè уште не се во состојба да применуваат дигитални форми, што е основна причина за постоењето на хартиените штедни книшки.
Граѓаните, пак, зависно од тоа колку се снаодливи на интернет сè за едниот или другиот начин на штедење. Постарите велат дека не можат да се снајдат на интернет, но и дека се плашат од измами ако користат дигитален начин на следење на штедниот влог. Младите се поборници сè да можат да реализираат на мобилен начин.
– Штедам веќе 30 години и мислам дека е добро секој штедач да ја има во рака штедната книшка. Така знам колку сум ставила пари, која е каматата и колку сум извадила пари. Навистина се оди на шалтер, се троши време, ама мислам дека е побезбедно така. Не интернет никако, не само што не се снаоѓам со компјутерите, туку се плашам од измамници кои ги соголуваат штедачите – вели повозрасна граѓанка.
За разлика од неа младите кои сè сакаат да прават преку мобилниот телефон, очекуваат банките да им овозможат поинакво штедење.
– Ако можам да плаќам со мобилен зошто не би можело да се реализира и штедење. Банките можат да измислат некој систем на картички за штедење со што би им помогнале на постарите полесно да се снаоѓаат и да не ги чуваат хартиените штедни книшки иако мислам дека е одвишно уште да се користи хартија. Да мораш да одиш на шалтер, да носиш голема сума на пари по џебови и да чекаш со часови да ги уплаќаш кога има лесна и едноставна форма за тоа. Сега сè се прави дигитално, па и следењето на штедниот влог е многу полесно од дома или каде и да си од мобилен– вели Милан од Скопје.
Банките засега и покрај нови дигитални можности за своите клиенти, не се откажуваат од хартиените штедни книшки, бидејќи, велат, сè уште имаат клиенти кои повеќе им веруваат на стандардните начини, односно на хартиената штедна книшка.
Комерцијална банка планира наскоро да овозможи дигитално штедење на своите клиенти.
– Планираме да ја збогатиме понудата на штедни производи за физички лица со тоа што, покрај можноста да се штеди со поседување штедна книшка, планираме да воведеме штеден производ за кој клиентите нема да добијат штедна книшка, а уплатите, каматите и исплатите ќе се впишуваат на извод (извештај) за депозитот, аналогно на изводите од трансакциските сметки. Со оваа промена очекуваме да го поедноставиме начинот на кој депонентите може да располагаат со вложените парични средства бидејќи клиентите ќе може да располагаат со средствата само со приложување важечки документ за идентификација (лична карта или пасош) – велат од банката.
Оттаму додаваат дека штедачите ќе можат да докажат дека имаат штеден влог како и кај голем дел од останатите производи за физички лица кои ги користат клиентите: денарска или девизна трансакциска сметка, платежна картичка и слично.
– Клиентите во секој момент ќе имаат можност да подигнат извештај за прометот и состојбата на депозитот на шалтерите во банката, како и да ги следат состојбата и промените на депозитот преку интернет банката и мобилната апликација М-банка – појаснуваат од Комерцијална банка.
И Стопанска банка е со став дека треба да се следат новите потреби на клиентите, но треба да ги удоволи и барањата на повозрасните клиенти и затоа сè уште ги употребува хартиените штедни книшки. Банката моментално има дигитален пристап и увид во промените и состојбата на депозитните производи на регистрираните клиенти преку дигиталните i-bank канали достапни 24/7 (e-banking и m-banking).
– Банката во континуитет ги следи потребите и навиките на клиентите и во согласност со профилот на клиентот и неговите можности и потреби овозможува следење на состојбата и промената на депозитните производи на сите расположливи канали. За потрадиционалните корисници банката овозможува и увид во состојбата и промените преку стандардниот и класичен формат на штедна книшка што е во согласност со важечката регулативна рамка, додека пак за дигитално понапредните корисници кои се регистрирале, достапно е следење на состојбите на нивните депозитни производи преку дигиталните i-bank канали на банката – велат од Стопанска банка.
Банката, додаваат оттаму, дополнително води евиденција за секоја уплата и исплата од депозитната сметка и на барање на клиентот издава документ во кој се евидентирани сите уплати и исплати во бараниот период.
Моментално преку електронското банкарство во сите банки во земјава достапни се: дигитално потпишани финансиски трансакции, плаќање јавни услуги и вршење други плаќања во државата, купопродажба на девизи, пренос на средства, увид во состојбата и дневни промени во сметките, штедните влогови, картички, плаќања кон други физички лица и компании, трансфер на средства кон или од свои сметки или картички и/или штедни книшки, проверка на состојбата и прометот на сметките, увид во состојбата на одобрените кредити, промена на лимити на своите картички, известување за приливи и одливи на своите сметки и низа други поволности.
И додека нашите штедачи не сакаат да се одвојат од хартиените штедни книшки, голем број банки од земјите во Европа, се повеќе размислуваат не само хартиените форми на комуникација со граѓаните да ги сведат на минимум, туку и да го намалат кешот во оптек.