📽️ ХАОС ВО ТИРАНА Молотови коктели кон Владата, полицијата возврати со солзавец
Мирниот протест на опозицијата во Тирана прерасна во насилства, со молотови коктели кон институции и полициска интервенција со солзавец.
Протестот на опозицијата во Тирана, најавен како мирен марш, прерасна во насилен судир откако демонстрантите почнаа да фрлаат молотови коктели и пиротехнички средства кон владината зграда и други државни институции.
Собирот започна пред зградата на Владата, каде приврзаниците на опозицијата предизвикаа инциденти, по што мораше да интервенира и противпожарна служба. Полицијата ја растури толпата со водени топови и солзавец.
Протести се одржаа и пред Министерството за внатрешни работи, Министерството за инфраструктура, како и пред парламентот. Демонстрантите, предводени од опозицискиот лидер Сали Бериша, се обидоа да се приближат и до други објекти, но беа запрени од специјалните полициски сили.
Полицијата ја блокираше улицата што води кон поранешната вила на Енвер Хоџа, денес културен центар, кој беше цел и на претходни протести.
Во текот на вечерта, молотови коктели беа фрлани и кон полициски возила, што дополнително ја вжешти ситуацијата на улиците.
За првпат на протестите, покрај албанските и знамињата на Европската унија, беа истакнати и германски знамиња, како знак на поддршка за, како што наведоа организаторите, позициите на германскиот Бундестаг.
Опозицијата го избра датумот 22 март поради неговата симболика – денот кога во 1992 година Демократската партија победи на првите плуралистички избори по падот на комунистичкиот режим.
– Денешниот ден е уште еден голем ден за демократијата. Пред 34 години Албанците се збогуваа со диктатурата, а денес повторно се соочуваат со авторитарни тенденции – изјави Бериша пред почетокот на протестот.
За обезбедување на протестот беа ангажирани повеќе од 1.600 полициски службеници, вклучително и специјални единици.