ХАОС ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА Пациент го удирал докторот кој му укажувал помош, а потоа и полицијата
Инцидентот се случил вчера попладне, кога 28-годишниот М. М. бил примен во болницата, но наместо да соработува со докторите, почнал да вика и да создава вознемиреност во просториите на установата.
Пациент од тетовското село Челопек направил вистински хаос во Клиничката болница во Тетово, откако агресивно се однесувал кон медицинскиот персонал, а потоа физички го нападнал лекарот кој се обидувал да му помогне.
Инцидентот се случил вчера попладне, кога 28-годишниот М. М. бил примен во болницата, но наместо да соработува со докторите, почнал да вика и да создава вознемиреност во просториите на установата.
Според информациите од полицијата, во моментот кога докторот Л. А. (31) од село Желино се обидел да му укаже медицинска помош, пациентот го нападнал и му нанел удари.
По пријавата од болницата, на местото пристигнала полициска екипа, но и тогаш насилното однесување не престанало.
„На 14.10.2025 во 16 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода М. М. (28) од Челопек, постапувајќи по пријава дека агресивно се однесувал кон персоналот и физички го нападнал лекарот. Исто така, по пристигнувањето на полициските службеници, тој агресивно се однесувал и кон нив и физички нападнал еден од полицајците“, соопштија од СВР Тетово.
По инцидентот, пациентот е задржан во полициска станица, а случајот е целосно документиран. Против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
МЗ: Преземени се мерки од надлежните институции за немил настан во Клиничка болница Тетово
Министерството за здравство информира дека по пријава од Клиничка болница Тетово до полицијата за агресивност врз медицинскиот персонал се преземени мерки од надлежните институции. Од вработените беше пријавено 28-годишно машко лице поради агресивност кон медицинскиот персонал и физички напад врз еден од лекарите.
„Министерството за здравство се залага за почитување на интегритетот, достоинството и професионалноста на сите лекари и здравствени работници. Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства, и само преку заемна доверба, почит и поддршка можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.