(ВО ЖИВО) ЦЕЛ СВЕТ Е ВО ХАОС ПОРАДИ КОМПЈУТЕРСКИ ДЕФЕКТ Засегнати се аеродромите, возовите, банките, британските медиуми, а погоденa е и берзата
Причината за нарушувањето на ИТ секторот не е утврдена, но многумина засегнати го поврзаа со оперативните системи на „Мајкрософт“. „Мајкрософт“ наводно презема „дејства за да го ублажи“ проблемот со услугата.
Утринава ширум светот беше пријавен дефект во компјутерскиот (ИТ) систем кој ги погоди авиокомпаниите, железничката мрежа, банките и медиумите, пишува Би-Би-Си.
Летовите на многу аеродроми се прекинати и причината не е позната, но „Мајкрософт“ е ангажиран во решавањето на проблемот.
Се вели дека железничките компании во Велика Британија пријавиле големи ИТ проблеми, а главниот извршен директор на Скај њуз рече дека радиодифузерот не можел да ја емитува програмата во живо.
Проблеми се забележани и на лондонската берза.
Аеродромот „Шипхол“ во холандскиот град Амстердам пријавил доцнење на летовите поради дефект на компјутерот.
Си-Ен-Ен ја пренесе објавата на американските воздухопловни власти дека летовите на различни авиокомпании се приземјени, без разлика на нивната дестинација.
Не е јасно колку долго ќе трае прекинот на летовите во Америка.
Летовите беа прекинати и на аеродромот во австралискиот град Сиднеј.
Причината за нарушувањето на ИТ секторот не е утврдена, но многумина засегнати го поврзаа со оперативните системи на „Мајкрософт“. „Мајкрософт“ наводно презема „дејства за да го ублажи“ проблемот со услугата.
Според некои извештаи, компанијата за сајбер безбедност „Краудстрајк“ (Crowdstrike), која произведува антивирусен софтвер, издаде ажурирање на софтверот, што тргнало во погрешна насока и ги нарушува уредите со Виндоус, па го поттикнало таканаречениот „син екран на смртта“ на компјутерите.
9.40 часот – Погодени ИТ системи на Олимпијадата во Париз
Организацискиот комитет за Олимпијадата во Париз вели дека и неговите ИТ операции биле погодени.
Но, на само една недела до почетокот на Игрите, Комитетот вели дека има планови за вонредни ситуации.
9.42 часот – Откажани опперации во две германски болници
Две болници во северните германски градови Лубек и Кил откажаа операции закажани за в петок, објави Би-би-си.
Грижата за пациентите и службите за итни случаи ќе продолжат нормално, додава Универзитетската клиника во Шлезвиг-Холштајн.
9.57 часот – Засегнати се и аптеките во Обединетото Кралство
Од компјуитерскиот дефект се засегнати и аптеките во Обединетото Кралство.
– Свесни сме дека поради глобалните прекини на ИТ, услугите во аптеките во заедницата, вклучително и пристапот до рецепти од општи лекари и доставување лекови, денеска се нарушени. Ги повикуваме пациентите да бидат трпеливи додека ја посетуваат нивната аптека – вели портпаролот на Националната фармацевтска асоцијација на Обединетото Кралство.
10.14 часот – Аеродромот во Мајорка е погоден
Прекинот на ИТ уредите предизвика доцнење на шалтерите за пријавување на аеродромот во Палма.
Туристи велат дека чекаат во иста редица веќе 3 часа.
10.30 часот – Досега глобално откажани повеќе од 1.000 летови
Повеќе од 1.000 летови се откажани ширум светот денеска, според компанијата за авијациска анализа „Цириум“.
Оваа бројка – моментално 1.078 – само ќе станува поголема, според предвидувањата.
Компанијата вели и дека денешниот ден бил најпрометен ден за полетувања на летови во Обединетото Кралство досега оваа година, со закажани повеќе од 3.200 полетувања – најголем број дневни полетувања од октомври 2019 година.
10.34 часот – Што е „Краудстрајк“ (Crowdstrike)?
Сè уште не е познато што го предизвикува дефектот на ИТ системите што ги погодува компаниите ширум светот.
Но, претходно денеска „Американ ерлајнс“ обвини за технички проблем со „Краудстрајк“ (Crowdstrike), а сега и швајцарската канцеларија за сајбер безбедност покажува со прст кон компанијата.
„Краудстрајк“ е компанија за сајбер безбедност основана во 2011 година со цел да ги заштити најголемите светски компании и нивниот хардвер од сајбер закани и ранливости.
Специјализирана е за заштита на безбедноста и се обидува да спречи злонамерен софтвер или датотеки да ги погодат корпоративните мрежи од уредите што се поврзани со нив, како што се телефоните и лаптопите.
Таа, исто така, има за цел да ги заштити податоците на компаниите кои се префрлија од нивна лична сајбер безбедност поставена на нивните сопствени сервери, на таканаречената „безбедност на облак“.
Фирмата, со седиште во Тексас, е основана од претприемачите Џорџ Курц, кој останува главен извршен директор, и Дмитриј Алперович.
Откако беше лансирана, компанијата навидум одигра клучна улога во помагањето на фирмите да ги истражат сајбер-нападите.
10.50 часот – „Краудстрајк“ ја презеде одговорноста за дефектот
„Краудстрајк“ ја презеде одговорноста за проблемот со компјутерски дефекти низ светот.
– „Краудстрајк“ активно работи со клиенти погодени од дефект пронајден во едно ажурирање на содржината за корисниците на „Виндоус“. Корисниците на „Mек“ и на „Линукс“ не се засегнати. Ова не е безбедносен инцидент или сајбер напад. Проблемот е идентификуван, изолиран и спроведена е поправка. Ги упатуваме клиентите на порталот за поддршка за најновите ажурирања и ќе продолжиме да обезбедуваме целосни и континуирани ажурирања на нашата веб-страница. Понатаму им препорачуваме на организациите да се осигураат дека комуницираат со претставниците на „Краудстрајк“ преку официјални канали. Нашиот тим е целосно мобилизиран за да обезбеди безбедност и стабилност на клиентите на „Краудстрајк“ – изјави извршниот директор на „Краудстрајк“, Џорџ Курц.
11.55 часот – „Туркиш ерлајнс“ откажа 84 летови
Турскиот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“, потврди дека е погоден од големиот глобален ИТ дефект денеска.
Портпаролот за Би-Би-Си изјави дека од 13.00 часот по локално време (11:00 часот БСТ), откажани се 84 летови до и од Истанбул, како и на различни локации низ Европа.
Нискотарифниот авиопревозник на Туркиш ерлајнс, „Еј-Џет“ (AJet), исто така, вели дека има прекини во онлајн издавањето билети, резервациите и центрите за повици.
„Туркиш ерлајнс“ се извинува за непријатностите и вели дека летовите „постепено ќе се вратат во нормала“.
12.02 часот – Сите шпански аеродроми погодени од прекин на ИТ (Извор: МИА)
Сите аеродроми во Шпанија пријавиле дека имаат проблеми поради прекин на ИТ, што денеска погоди компании ширум светот, соопшти аеродромскиот оператор „Аена“.
„Поради инцидент во ИТ системот, има прекини во системите на Aeнa и на аеродромските мрежи во Шпанија што може да предизвикаат одложувања. Овој глобален технички инцидент главно влијае на резервациите и на информациите за патниците“, објави операторот на социјалната мрежа Икс, велејќи дека некои операции продолжуваат благодарение на „мануелните системи
Шпанската држава поседува 51%‚ од Aeнa, најголемиот светски аеродромски оператор во однос на опслужените патници, со повеќе од 60 аеродроми, вклучувајќи 46 во Шпанија.
12.04 часот – Илон Маск за компјутерскиот дефект
Шефот на Тесла и на „Икс“, Илон Маск, се обиде да го сумира компјутерскиот дефект.
– Најголемиот ИТ неуспех досега – рече Маск.
12.05 часот – Мајкрософт објави дека проблемот е решен
Мајкрософт објави дека проблемот зад падот на 365 негови апликации и услуги е решен, но дека последиците од дефектот што го наруши глобалниот бизнис и сообраќајот ќе продолжат да влијаат на некои корисници.
12.06 часот – Авиосообраќајот на атинскиот аеродром засега се одвива без проблеми (Извор: МИА)
Без особени проблеми се одвива авиосообраќајот на аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина и засега не постојат последици од нарушувањето на работата на ИТ системите во светот, информирале од аеродромот за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, единствено некои од авиокомпаниите се соочиле со оперативни проблеми во нивните ИТ системи, додека пак не се регистрирани доцнење на летовите вон вообичаеното.
Од грчката авиокомпанија „Ејџијан ерлајнс“ соопштија дека проблемите во светот немаат сериозни последици врз функционирањето на нивните летови, единствено има влијание врз одредени услуги на сајтот и паралелно посочија дека може да бидат засегнати нивните летови кон аеродромите каде што се регистрирани проблеми.
12.07 часот – Пекинг и Москва без проблеми (Извор: МИА)
Компјутерските системи на аеродромите во Пекинг не се погодени од денешниот глобален прекин на ИТ, објавија кинеските државни медиуми.
„Денеска во 16 часот (08:00 GMT), операциите беа нормални на аеродромите во Пекинг и во Даксинг“, соопшти кинеската државна телевизија CCTV.
Руското Министерство за дигитален развој не добило никакви пријави за дефекти во компјутерските системи на аеродромите во Русија поврзани со проблеми во работењето на програмите на Мајкрософт, соопшти прес-службата на тоа министерство.
Во исто време, меѓународниот аеродром „Шереметјево“ во Москва соопшти дека работи нормално и дека полетувањата и слетувањата на авиони од руски и странски авиокомпании се одвиваат според планот.