ХАОС НА ГРАНИЦАТА СО ГРЦИЈА Стотина трактори го затворија Евзони, патниците останаа заглавени

Преминот Евзони е целосно затворен откако грчките земјоделци повторно го блокираа со околу 150 трактори.

593

Земјоделците од северна Грција денес повторно го блокираа граничниот премин Евзони, оставајќи ги патниците и товарните возила во целосен сообраќаен застој кон и од нашата земја. Преминот беше затворен нешто по пладне, а засега нема информација кога блокадата ќе биде тргната.

Блокадите повторно се случуваат без најава, пракса што грчките земјоделци ја применуваат со години за време на протестите. Тракторите и земјоделските возила се веќе паркирани директно на преминот, а секојдневно земјоделските комисии одлучуваат кога и колку долго ќе ги затвораат патните правци.






На грчката страна моментално има околу 150 трактори и товарни возила распоредени долж преминот, што го прави целосно невозможен и влезот и излезот од државата.

Проблемите не се ограничени само на Евзони. Речиси цела Грција е во состојба на блокада, земјоделците се обидоа да стигнат и до преминот Промахонас кон Бугарија, каде што успеаја да ја заобиколат полициската блокада. Во регионот Тесалија пак, активни се повеќе блокади на автопатот Солун–Атина, каде што се вклучени над 4.000 трактори.

Грчките земјоделци веќе денови протестираат против зголемените трошоци, ниските откупни цени и недоволната помош од државата, а блокадите се очекува да продолжат и во наредните денови.

Поврзани содржини