Хаос меѓу Северномакедонците

1,065

Тоа што во Европа се известува за Македонија, како, на пример, во скандинавските медиуми, ретко се случува со напор да се направи попрадлобочена анализа. Интересирањето на медиумите е, всушност, мошне студено и речиси незабележително, освен ако не станува збор за некаков скандал или проблематична појава за која ќе се процени дека вреди да се отстапи малку медиумски простор, но главно со негативна конотација.

„Хаосот со пасошите ја вознемири Северна Македонија“, беше насловот на агенциската вест што ја објавија голем број шведски весници, во која беше наведено дека „стотици илјади Северномакедонци го пропуштија крајниот рок и сега немаат важечки возачки дозволи, пасоши и други официјални документи“. Лошо планираната бирократска работа за промена на идентификациските документи со новото уставно име на државата беше проследена со „серија непријатности и оддложувања и доведе до долги редици пред канцелариите на МВР.“






Инаку, шведската новинска агенција, ТТ, нема никаков проблем како да ги нарекува граѓаните на Северна Македонија. ТТ веќе од поодамна на својот сајт, во списокот на држави во светот, како препорака за користење на термини за означување на имиња на државјанства/националности, наведува да се користи името Северна Македонија, во слеана форма, (Nordmakedonien), и за државјанство/националност Северномакедонци, (nordmakedonier).

И кога сме веќе кај прашањето за хаосот, односно дали хаотичните состојби во македонското општество достигнале извесна кулминација, или, пак, се движат во таква насока, би можело да се суди зависно од различните перцепции на оние кои таквите состојби веќе подолго време одблиску ги живеат и ги чувствуваат на сопствената кожа. Доволно е, се чини, само десетина минути да се погледнат социјалните мрежи, за да се добие јасно сознание со каква жестина реагираат македонските граѓани, вклучувајќи ги бројните припадници на дијаспората, кои, се разбира, не можеа да останат заобиколени од институционалниот хаос во татковината.

Деновиве Државната изборна комисија (ДИК) излезе со соопштение на каков начин граѓаните на Република Северна Македонија „на привремена работа или престој“ во странство можат да се пријават за гласање на претстојните претседателски и парламентарни избори. Но прашање е сега дали мошне големиот број иселеници кои останаа во расчекор со крајно ограничени можности за патување со своите важечки пасоши со старото државно име, ќе можат со такви документи да се пријават и легитимираат како гласачи на Северна Македонија во странство? Но кој воопшто досега се секирал околу тоа?

Гласањето на македонската дијаспора на досегашните изборни циклуси секогаш беше со резултат – тотално фијаско. А и како би можело да биде поианку кога државата воопшто не се ни потруди да создаде барем минимум услови за поголема излезност, освен да се гласа во македонските амбасади и конзулати, кои најчесто се наоѓаат на стотици или илјадници километри оддалеченост од гласачите иселеници. Многупати е пишувано за ова, така што се чини дека е веќе и здодевно да се повторуваат забелешките што ги изнесуваа иселеничките организации. Но што направи државата во изминатите години за да ги олесни претпоставките и процедурите за поуспешно учество на дијаспората во гласањето? Ништо, апосолутно ништо!

Неодамна, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, само го повтори она што е веќе мошне добро познато, и што, се разбира, иритира кога ќе се слушне: „Имате вие избирачки одбор кој ве чини скапо и мора да остане две недели ако се два круга и сето тоа треба да го плати државата а таму нема многу граѓани, дали ќе се пријават десет души, а десет души е одборот. Така што, треба да се смисли да се гласа на друг начин после овие избори, рече Даштевски. За 4.000-5.000 гласови, додава тој, треба да направиме трошок од околу милион“.

Се разбира, не е воопшто тешко да се согласиме со Даштевски. Така е, како што вели тој! Но да го повториме прашањето: што направи државата (партиите) во изминатите години, поаѓајќи од претходните негативни искуства, да создадат подобри претпоставки за поголема излезност на дијаспората на изборите? И уште еднаш да го повториме одговорот: Апсолутно ништо не е направено, ниту, пак, тоа некого го интересира! Како и обично, сѐ се сведува на онаа познатата: Легни лебу да те јадам. Врв на неорганизираност, недоследности и импровизација! Така најлесно би можелo да се окарактеризираат македонските „долгорочни“ политики, се разбира не само во однос на иселениот дел на Македонија.

Политичките ветришта кои дуваат од татковината и засилените трендови на екстремната партиска поларизација во Македонија, неизбежно се рефлектираат и во дијаспората. Тоа, за жал, се одразува дестимулативно на контактите и каналите на комунакција со иселениците, кои одвреме-навреме се споменуваат во јавниот простор во контекстот на грижата за сите македонски граѓани, „независно каде живеат“.

Но дали агендите на партиите, длабоко вовлечени во вителот на голата борба за власт, навистина соодветствува со интересите и потребите на дијаспората, е сосема друго прашање. Грижата за иселениците, како и обично, завршува во моментот кога ќе стане јасно кој и со колкава сила ги држи лостовите на политичката моќ во државата. Цврсто трасираниот пат на меѓупартиската трговија и прераспределба на постизборното политичкото (коалицино) влијание ги следи партиските интереси и апетити. Многу помалку до израз тука доаѓаат државните интереси. Од иселените се очекува да излезат на избори и безрезервно да ја помогнат таквата агенда.

Во глобални рамки сè повеќе се менува сложениот однос на миграциите и развојот, и препознавање на миграциите како развоен инструмент, важен како за земјите на потеклото, така и за земјите во кои се случува прием на мигранти. Што се однесува до врските на Македонија со иселениците, заложбите за вклучување на миграциите во развојните пројекти во земјата се мошне скромни по обем.

На „Северномакедонците“ во Европа и во светот засега им се нуди шмек на „пасошкиот хаос“, бидејќи веројатно би било крајно нелогично дијаспората, за која обично се вели дека е нераскнлив дел од матицата, да куртули од маките со кои се соочуваат сонародниците во татковината. Сите ја делиме истата бедна судбина. Нештата во Македонија тешко се менуваат во позитивна насока.

Како за кого – би рекле на тоа политичките измамници и непоправливите оптимисти. Нивниот број секако не е за потценување во „северномакедонскиот хаос“.

Поврзани содржини