ХАМНЕИ СЕ ВРАТИ СО ЗАКАНИ Шлаканица за САД и за Израел во првиот говор на ајатолахот
Хамнеи, во пораката што беше емитувана преку државната телевизија, првпат се појави по речиси две недели отсуство. 86-годишниот духовен водач изгледаше изморено, зборуваше со пресечен тон и неколкупати запна додека го искажуваше својот став.
Првото јавно обраќање на ајатолахот Али Хамнеи по прогласениот прекин на огнот со Израел упати силна порака до Вашингтон и Тел Авив. Иранскиот врховен лидер изјави дека нападот врз американската воздухопловна база во Катар е јасен сигнал дека Исламската Република е подготвена да реагира секогаш кога ќе се почувствува загрозена.
Хамнеи, во пораката што беше емитувана преку државната телевизија, првпат се појави по речиси две недели отсуство. 86-годишниот духовен водач изгледаше изморено, зборуваше со пресечен тон и неколкупати запна додека го искажуваше својот став.
– Исламската Република победи. Му удривме шлаканица на Америка – и ако е потребно, тоа ќе го направиме повторно. Ако следи нова агресија, противникот ќе плати цена каква што досега не видел – рече Химнеи, а пренесува Асошијтед прес.
Тој го минимизираше ефектот од масовниот воздушен напад на САД од пред неколку дена врз три ирански нуклеарни локации, тврдејќи дека не е постигнато „ништо значајно“. Нападите, кои Вашингтон ги оцени како „целосно уништување на нуклеарната програма“, Иран ги гледа како израз на слабост.
Во исто време, портпаролот на иранското МНР, Есмаил Багаеи, призна дека штетата на нуклеарните капацитети е „сериозна“, додека шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, ја оцени како „многу значителна“.
САД соопштија дека иранскиот напад врз базата во Катар бил ограничен и без човечки жртви, но Техеран го претстави како „одлучен одговор“. Според Хамнеи, Америка се вмешала во војната за да го спаси Израел од целосен колапс.
– Ако не се вмешаа, ционистичкиот режим ќе исчезнеше. Но влегувањето на САД во конфликтот не им донесе ништо – изјави ајатолахот.
По американските напади, ситуацијата на Блискиот Исток влезе во фаза на привремено смирување. Прекинот на огнот, во кој посредуваше претседателот Доналд Трамп, стапи на сила во вторникот. Во Иран веќе се чувствуваат знаци на нормализација – повторно се отвораат продавници, а воздушниот простор делумно е оспособен за домашни и меѓународни летови.
Министерството за патишта потврди дека источниот коридор над земјата е отворен за транзит. Животот во Техеран и другите поголеми градови се стабилизира.
Според податоците од иранските власти, во конфликтот загинале 606 лица, а над 5.300 се повредени. Паралелно, организацијата „Human Rights Activists“ јавува дека израелските напади предизвикале над 1.000 жртви, од кои речиси половина се цивили.
Израел, од своја страна, соопшти дека загинале најмалку 28 негови граѓани, додека над 1.000 се ранети. Иран испукал повеќе од 550 ракети, а Израел возвратил со удари врз 720 цели, меѓу кои и нуклеарни објекти.
Американската страна, пак, најави можни директни преговори со Иран. Претседателот Трамп изјави дека таква средба може да се случи веќе следната недела. Иако Техеран сè уште не го потврди тоа, неофицијално постои дипломатска комуникација меѓу двете страни.
Преговорите за нуклеарната програма, кои требаше да продолжат во Оман во јуни, беа откажани по нападот на Израел од 13 јуни.
Во знак на одлучност, иранскиот парламент веќе донесе предлог-закон со кој се предвидува ограничување на соработката со МААЕ, што може дополнително да го усложни патот до долгорочно решение.