ХАМАС ПРИФАТИЛ ПРИМИРЈЕ, СЕ ЧЕКА НА ИЗРАЕЛ Нетанјаху вели дека е ликвидиран братот на Јахја Синвар
Во соопштението на Хамас се вели дека договорот ќе вклучува ослободување на десет живи израелски заложници, заедно со неодреден број тела на убиените заложници, во замена за „договорен број палестински затвореници, гарантиран од медијатори“.
Палестинското милитантно движење Хамас соопшти дека постигнале договор со специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, за „општата рамка“ за договор за прекин на огнот со Израел и дека сега чека „конечен одговор“.
Хамас во соопштението наведува дека рамката на договорот, ќе обезбеди „траен прекин на огнот“, целосно повлекување на израелските сили од Газа, слободен влез на хуманитарна помош, како и комитет на независни палестински технократи кои ќе ја преземат контролата врз Појасот Газа, објави „Тајмс оф Израел“.
Во соопштението се вели дека договорот ќе вклучува ослободување на десет живи израелски заложници, заедно со неодреден број тела на убиените заложници, во замена за „договорен број палестински затвореници, гарантиран од медијатори“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел го убил Мохамед Синвар, кој се смета за лидер на палестинското исламистичко движење Хамас во Појасот Газа и брат на екс-лидерот на групата Јахја Синвар, архитектот на нападот од 7 октомври 2023 година со кој формално започна војната во Газа.
„Ги протеравме терористите од нашата територија, насилно влеговме во Појасот Газа, елиминиравме десетици илјади терористи и го елиминиравме Мохамед Синвар“, рече Нетанјаху за време на седницата на Парламентот.
Израелската армија објави дека на 13 мај го погодила „командниот и контролниот центар на Хамас сместен во подземен објект, под Европската болница во Кан Јунис“, во јужниот дел од Појасот Газа.
Додека САД посредуваат за можно примирје меѓу Израел и Хамас, американската администрација преговара и со Иран за постигнување нуклеарен договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не наредува напад врз Иран, нагласувајќи дека тоа нема да биде „соодветно“ за време на разговорите за нуклеарниот договор со Техеран.