„ХАМАС НЕ НУДИ НИШТО ЗА ПАЛЕСТИНСКИОТ НАРОД“ Петорка од земји од Запад го поддржа Израел со заедничка изјава
Сите ние ги признаваме легитимните аспирации на палестинскиот народ и поддржуваме еднакви мерки на правда и слобода за Израелците и Палестинците. Но, не правете грешка: Хамас не ги застапува овие аспирации и не нуди ништо за палестинскиот народ, туку повеќе терор и крвопролевање, се вели во изјавата на САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.
САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија во заедничка изјава ја изразија својата „континуирана и обединета поддршка“ за Израел и „недвосмислена осуда на Хамас и неговите ужасни акти на тероризам“.
„Сите ние ги признаваме легитимните аспирации на палестинскиот народ и поддржуваме еднакви мерки на правда и слобода за Израелците и Палестинците. Но, не правете грешка: Хамас не ги застапува овие аспирации и не нуди ништо за палестинскиот народ, туку повеќе терор и крвопролевање“, стои во изјавата.
Германскиот канцелар на социјалната мрежа Икс напиша дека петте земји „ќе се погрижат Израел да се брани себеси и своите граѓани од грозоморни напади“.
Петорката „ќе го поддржи Израел во неговите напори да се одбрани себеси и својот народ од такви злосторства. Понатаму нагласуваме дека не е време ниту една непријателска страна кон Израел да ги користи овие напади за да бара предност“.
Белата куќа и Ајфеловата кула од синоќа е осветлени во сино и бело во знак на поддршка за Израел.
Сепак, Франција „не е за укинување на помошта од која директна корист има палестинското население“, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во Париз. За ова, како што наведуваат, е информирана Европската комисија.
Соопштението беше објавено откако европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј вчера изјави дека Унијата „веднаш ќе ги прекине сите уплати“ во рамките на оваа развојна помош. Неговата изјава беше коригирана од Европската комисија која соопшти дека ќе започне со „итна ревизија на помошта на Европската унија за Палестина“.