ХАЈДИ КЛУМ СПОДЕЛИ ДЕКА ИМА АДХД „Тоа е мојата супермоќ“
Прашана и замолена да сподели факт за себе што луѓето можеби не го знаат, германската менекенка Хајди Клум одговори: - Имам форма на АДХД.
Најпозната како манекенка која е редовно на светските модни писти, но и популарно име од телевизијата, Хајди Клум е позната и по тоа што е секогаш презафатена. Сепак, додека многумина би се поколебале под притисокот на комбинирањето на мајчинството, манекенството, водењето емисии и нејзините сега веќе култни забави за Ноќта на вештерките, Клум сега ја откри тајната на нејзината способност за тој „мултитаскинг“…
Во ново интервју по повод 25-годишнината на списанието „Гламур Германија“ (Glamour Germany), германската ѕвезда отворено зборува за животот со синдромот на хиперактивност, нарушено внимание и дефокусираност – АДХД и како тој всушност ѝ го подобрил животот.
Прашана и замолена да сподели факт за себе што луѓето можеби не го знаат, Клум одговори:
– Имам форма на АДХД.
Инаку, АДХД е состојба во којашто мозокот работи поинаку отколку кај повеќето луѓе. Може да се манифестира на многу начини, но луѓето со него понекогаш можат да имаат тешкотии, на пр., со концентрацијата и мирното седење.
– Го гледам АДХД како позитивно нешто бидејќи ми овозможува да извршувам повеќе задачи истовремено. Тоа е мојата супермоќ. Можеби е инстинкт – или можеби само си замислувам. Многу сум хиперактивна поради мојот АДХД. Можам да правам илјада различни работи одеднаш. Работам на многу проекти одеднаш и секогаш преземам нови – вели таа.
Тоа ниво на активност е она што ја држи ѕвездата на „Проект писта“ зафатена, но како што и самата вели – тоа не е нешто што ја мачи.
– Јас сум зависничка од работа. Перфекционист во контролирањето на работите. Бев многу фокусирана на емисиите што ги правев и се грижев сè што излегуваше од нив да изгледа добро. Го сакам тоа што го правам – изјавила таа за списанието „Пипл“ (People) пред неколку месеци.