Гужва пред маркетите, граѓаните се подготвуваат за карантин и за „бегство“ од Скопје

3,995

Скопјани уште рано утринава чекаат во ред пред маркетите со цел да ги набават потребните намирници за долгиот претстоен карантински викенд, кој ќе трае три дена, односно од вечерва во 21 часот па сѐ до 5 часот наутро во понеделник.

Екипата на „Плусинфо“ ваквата слика ја забележа пред повеќето маркети во главниот град, а исто така и на социјалните мрежи беа споделувани фотографии од гужвите каде што граѓаните побрзаа да си ги набават потребните прехранбени намирници и лекови, како и да ги завршат обрските што ги имаат за плаќања во банките и поштите.






Забележливо е дека речиси сите ја почитуваат социјалната дистанца и носат маски. На излозите на обие објекти има ставено известување дека носењето маска е задолжително внатре во просториите, а на влезовите стојат редари кои ги дезинфизираат рацете на купувачите кои влегуваат контролирано.

Голема раздвиженост има и по зелените пазари, каде што може да се забележи дека граѓаните се дисциплинирани и носат заштитни маски.

Покрај ова, голем дел од граѓаните кои денеска немаат работни обврски, уште од утрово со своите автомобили се упатија кон некои од општините каде што нема да има цели три дена полициски час.

Исто така од утринава видно се испразнети и поголемите паркинзи во Скопје, а според информациите граѓаните заминале во градовите каде мерките не се толку ригорозни и каде наредните три дена нема да бидат во целосен карантин, туку тоа ќе важи од 16 часот до 5 часот следниот ден. Се очекува по завршувањето на работното време да се зголеми бројот на возила кои ќе го напуштат Скопје и до почетокот на карантинот во 21 часот, главниот град значително да се испразни.

Поврзани содржини