ГУСТ ЦРН ЧАД НАД СКОПЈЕ Пожар во Маџари, се палат кабли и комунален отпад

Граѓани пријавиле дека кај железничката пруга во Маџари се палат кабли и комунален отпад, по што на терен веднаш биле испратени пожарникари, полиција и општински инспектори.

0

Голем пожар попладнево избувна на отворена локација во скопската населба Маџари, каде што гори комунален отпад и се создава густ црн чад што се шири во околината.

Од Центар за управување со кризи информираат дека пријавата била примена преку бројот за итни случаи 112, откако граѓани пријавиле дека кај црквата зад железничката пруга во Маџари лице пали кабли, при што се создава големо количество чад.






По пријавата, на местото на настанот веднаш биле упатени екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје и полицијата, кои интервенираат за гасење на огнот и обезбедување на локацијата.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информираше дека општинските инспектори веднаш излегле на терен по пријавата за пожарот.

– Инспекторите од општината веднаш излегоа на терен и случајот е пријавен во Противпожарната бригада на Град Скопје, чии екипи работат на гасење на огнот – соопшти Стефковски.

Во меѓувреме, инспекторите заедно со припадници на Министерство за внатрешни работи преземаат мерки за откривање на лицето кое го предизвикало пожарот.

Надлежните апелираат до граѓаните да не палат отпад на отворено, бидејќи ваквите постапки можат да предизвикаат сериозни пожари и загадување на воздухот.

Поврзани содржини