„ГУНВОР“ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ЗДЕЛКАТА СО „ЛУКОИЛ“ Трамп не сака „марионета на Кремљ“ да управува со имотот кој е под санкции

„Гунвор“ се поврзува со Кремљ бидејќи сосновачот на компанијата, Генадиј Тимченко, е близок пријател на рускиот претседател Владимир Путин, а кога САД воведоа санкции против него во 2014 година, тврдеа дека Путин имал инвестиции во „Гунвор“.

325

Компанијата „Гунвор“ (Gunvor Group), ја повлече понуда за странскиот имот на руската енергетска компанија „Лукоил“ (Lukoil PJSC), откако Министерството за финансии на САД одби да ја одобри зделката и ја нарече „марионета на Кремљ“.






Портпаролот на „Гунвор“, Сет Пјетрас, кажа дека ваквата изјава е дезинформација и лажна, но компанијата сепак ја повлекува својата понуда за „Лукоил“. Истото компанијата го кажа и преку соопштение

„Изјавата на Министерството за финансии за Гунвор е фундаментално дезинформирана и лажна. Гунвор е и отсекогаш бил отворен и транспарентен во врска со своето сопствеништво и бизнис, и повеќе од една деценија активно се дистанцира од Русија, престана да тргува во согласност со санкциите, продаде руски средства и јавно ја осуди војната во Украина. Ја поздравуваме можноста да се осигураме дека ова јасно недоразбирање е исправено. Во меѓувреме, Гунвор го повлекува својот предлог за меѓународните средства на Лукоил“, пишува во соопштението.

„Гунвор“ даде понуда за купување на имотот во странство на „Лукоил“ на  30 октомври, откако САД ги ставија на црната листа „Лукоил“ и уште еден руски нафтен гигант – „Роснефт“ (Rosneft PJSC).

Вчера „Гунвор“ објави дека обезбедила кредитна линија од 2,81 милијарди долари, финансирана од американските подружници на глобални банки. Како и другите големи трговци со стоки, компанијата го финансира најголемиот дел од своето тргување со нафта, гас и метали ширум светот преку банкарски кредити.

Првиот човек на компанијата Торбјорн Торнквист вчера предупреди дека доколку регулаторите на САД, Белика Британија и Швајцарија не ја одобрат зделката Европа ќе има сериозни проблеми со обезбедување доволни количини на гориво.

„Гунвор“  се поврзува со Кремљ бидејќи сосновачот на компанијата, Генадиј Тимченко, е близок пријател на рускиот претседател Владимир Путин, а кога САД воведоа санкции против него во 2014 година, тврдеа дека Путин имал инвестиции во „Гунвор“.

Компанијата го негираше тоа тврдење, кое беше изнесено без докази, а извршниот директор Торбјорн Торнквист го откупи уделот на својот руски партнер, но тоа остана како црно петно за компанијата.

Засега нема реакција на руската компанија „Лукоил“. Компанијата има лиценца за продажба на гориво уште две недели, по што ќе треба да ги затвори своите рафинерии и пумпи во странство.

Поврзани содржини