ГУМИ ИМАМЕ, ПАТНИЦИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ Од ЈСП демантираат дека автобуси се паркирани на трупци

Во текот на вчерашниот ден побаравме став од раководството на ЈСП и замоливме да ги искоментираат изјавите на вработени во ова претпријатие дека постои дефицит на гуми за автобуси и дека дел од возилата се паркирани во гаража на трупци.

325

„Категорично демантираме дека ЈСП Скопје има проблем со гуми и со резервни делови и дека е доведена во прашање безбедноста на корисниците на јавниот превоз“, реaгираат од ЈСП по текстот објавен на Плусинфо под наслов: „АВТОБУСИТЕ ПАРКИРАНИ НА ТРУПЦИ Продолжува агонијата во ЈСП, возачите возат со распукани гуми“.

Во текот на вчерашниот ден побаравме став од раководството на ЈСП и замоливме да ги искоментираат изјавите на вработени во ова претпријатие дека постои дефицит на гуми за автобуси и дека дел од возилата се паркирани во гаража на трупци. За жал, вчера не добивме никаков одговор, но денес од ова јавно претпријатие стаса демант






Во продолжение, ви го пренесуваме демантот на ЈСП:

„Категорично демантираме дека ЈСП Скопје има проблем со гуми и резервни делови и од тие причини е доведена во прашање безбедноста на корисниците на јавниот превоз.

Напротив, ги уверуваме сите граѓани кои ги користат услугите за превоз на ЈСП Скопје, дека сите возила кои се вклучуваат на линија се редовно сервисирани и безбедни.

Во изминативе 5 месеци, откако на чело на претпријатието е актуелниот в.д. директор Александар Стојковски, дури и зголемен е бројот на возила во возна состојба за околу 20% во споредба со состојбата на возниот парк која ја наследи.

Гуми имаме, испорачана е првопобараната количина, која ги задоволува потребите за непречено секојдневно функционирање на јавниот превоз.

Сметаме дека текстот е тенденциозен со кој неосновано се нарушува угледот на ЈСП Скопје повикувајќи се на анонимни извори од претпријатието.

Напоменуваме дека ниту овој, ниту било кој друг обид за обвинувања на сметка на раководството на ЈСП Скопје, нема да бидат пречка за негово понатамошно професионално извршување на работните обврски согласно сите законски прописи.

Напротив, тие се и ќе бидат дополнителен фактор и мотив плус за актуелното раководство да докаже и покаже дека со посветен ангажман во сите сфери на функционирање на претпријатието ќе го исполни ветеното за подигнување на квалитетот на јавниот превоз во секој поглед, во споредба со тоа што го наследи“.

НАПОМЕНА ОД РЕДАКЦИЈАТА Редакцијата на порталот секогаш бара став и на другите засегнато страни, како и во овој случај. Но, напоменуваме дека двостраното и повеќестраното информирање, освен што е обврска на редакциите, е обврска и на другите субјекти, особено кога станува збор за јавни претпријатија кои исто така се одговорни за јавниот интерес. Неисполнувањето на таа обврска од страна на засегнатите субјекти не е начин да се спречи објавување на наводи во медиумите, кои потоа се демантираат и се бара извинување.

Ова е текстот на Плусинфо на кој се однесува демантот:

АВТОБУСИТЕ ПАРКИРАНИ НА ТРУПЦИ Продолжува агонијата во ЈСП, возачите возат со распукани гуми

Поврзани содржини