ГУГЛ ЌЕ ИНВЕСТИРА 13 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО ФИНСКА Ќе гради инфраструктура за вештачка интелигенција и енергетика

„Ова е најголемата поединечна инвестиција на Гугл во Европа и е потврда за лидерството на Финска во одговорното градење на ВИ инфраструктура“, соопшти американскиот технолошки гигант.

0

Гугл вчера соопшти дека ќе инвестира 13 милијарди евра (15,1 милијарди долари) во Финска за развој на инфраструктура за вештачка интелигенција.

„Ова е најголемата поединечна инвестиција на Гугл во Европа и е потврда за лидерството на Финска во одговорното градење на ВИ инфраструктура“, соопшти американскиот технолошки гигант.






Се очекува инвестицијата да придонесува со 3,6 милијарди евра годишно во бруто-домашниот производ на Финска за време на првичната фаза на изградба и да поддржи повеќе од 37.000 работни места ширум земјата.

Гугл го отвори својот прв центар за податоци во Финска пред околу 15 години во Хамина. Новата инвестиција се очекува да ги поддржи неговите клучни услуги – како што се пребарување (Search), мапи (Maps) и Џеминај (Gemini).

Првичната изградба е планирана во периодот меѓу 2027 и 2028 година.

Гугл планира доквалификација за вештачка интелигенција со поддршка од локалните колеџи и создавање можности за обука за 100 фински студенти за идни кариери во центрите за податоци.

Американскиот технолошки гигант наведе дека пакетот исто така ќе поддржи енергетски проекти во регионот.

– Партнери сме во портфолио на решенија кои се усогласени со нашите обврски да ја одржиме енергијата достапна за потрошувачите и да инвестираме во чиста енергија – изјави Бикаш Колеј, потпретседател за глобална инфраструктура во Гугл.

Гугл потпиша 22-годишен договор за поддршка на продолжувањето на животниот век на нуклеарната централа Ловииса. Исто така, планира да додаде нови капацитети за ветерни електрани на копно и да воспостави нов батериски систем од 94 мегавати за да помогне во стабилизирањето на цените за време на студените периоди без ветер.

Поврзани содржини